Фото: Игор Бансколиев

За формирање на комисијата за помирување, за што иницијатива доставија независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, ќе се разговара на следната координација, најверојатно идниот понеделник. Тоа беше договорено на вчерашната редовна координација на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со потпретседателите и со координаторите на пратеничките групи.

Причината е тоа што координаторката на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Елизабета Канческа-Милевска, не присуствувала поради обврски поврзани со посетата на претседателот на австрискиот Национален совет, Волфганг Соботка.

На координацијата, иако поканет, не присуствувал новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“, Никола Мицевски. Со официјален допис дека тој е новиот координатор на пратеничката група кабинетот на Џафери бил известен во петокот доцна попладне.