Групата Охрид за поддршка на Република Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ ја промовираше денеска премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со поранешниот генерален секретар на Алијансата, лорд Џорџ Робертсон, кој ја предводи групата високи дипломати во посета на земјава. 

– Денеска сме тука заеднички да го објавиме конституирањето на Група Охрид, која ќе дава поддршка за успешно завршување на процесот за влез на Македонија во ЕУ и НАТО – рече Заев. 

Групата Охрид е неформална група создадена од членови со импресивен бекграунд, со различна политичка припадност.

– Активностите на групата и на одделни нејзини членови, кои ставија печат со нивната дипломатска кариера и дадоа поддршка за нашите напори за изградба на демократска, стабилна и просперитетна држава. Тие се тука да го поддржат нашето членство во ЕУ и НАТО – рече Заев.

Во групата, освен Џорџ Робертсон се вклучени и поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Хавиер Солана, поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билд и истакнатите дипломати Кристофер Гајд, Роберт Гелбард, Ален Ле Роа, Волфганг Ишингер, Дајмонд Вилсон и Зоран Чичак. 

Робертсон посочувајќи дека поминале 17 години, откако последен пат се обратил на прес-конференција во Македонија, истакна дека името Група Охрид е избрано, бидејќи тој град има големо значење за земјата, со оглед на тоа дека таму е потпишан Охридскиот договор, но исто така тоа е и град заштитетн од УНЕСКО.

– Поминаа 17 години кога последен пат се обратив на прес- конференција во Скопје, но тогаш бев во време кога Македонија се соочуваше со криза, а земјата сега почнува да го трасира својот пат кон просперитетниот свет – рече Робертсон.

Македонија, во еден период од неговиот живот, била во фокусот на неговото внимание и како што рече постоела можност за нејзина поделба, но сепак тоа не се случило бидејќи лидерите на земјата застанале заеднички и храбро да се движат кон иднината.