Фото: Игор Бансколиев

Изговорот со содржина „… бидејќи не е членка на ЕУ, Македонија не е во позиција да ги искаже своите ставови на самитите на Унијата…“ сѐ почесто се употребува како оправдување за дефетизмот и очекувањето „некој друг да ја заврши работата“. На Македонија ѝ е потребно излегување од маѓепсаниот и непродуктивен круг на (контра)аргументирање и реплицирање на бугарските политичари. Нам ни треба автентичен настап со поширока дипломатска офанзива пред европските, односно меѓународните институции

Во очекување на македонската плима на аргументи пред Европа и светот

Со одминувањето на времето по третото вето за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, сѐ повеќе се зголемува ризикот ултиматумите и уцените што ги испорача Бугарија (со кои Софија ги блокира македонските евроинтеграции) да бидат и „фортификациско зајакнување на политичко-комуникациските ровови“ на (не)официјалните Скопје и Софија. Додека македонската страна моментално своите активности за враќањето на довербата во Договорот за добрососедство ги фокусира на спроведувањето на т.н. акциски план и улогата на специјалниот преговарач (засега резултатите се – договор за заемна размена на националните ТВ-програми во радиодифузниот етер на двете земји), бугарската страна непречено продолжува максимално да го експлоатира македонското прашање на својот внатрешнополитички терен како една од носечките теми пред претстојните парламентарни избори.
Иако членките на ЕУ, како Чешка, Словачка и Австрија, отворено го искажуваат своето несогласување со обидите за наметнување на историските прашања како принципи за регулирање на процесот на проширување, и понатаму останува впечатокот дека Македонија, односно македонските политичари се однесуваат премногу пасивно пред институциите на ЕУ, во однос на аргументирањето на македонските позиции во наметнатиот историско-идентитетски спор од Бугарија. Изговорот дека бидејќи не е членка на ЕУ, Македонија не е во позиција да ги искаже своите ставови на самитите на Унијата сѐ почесто се употребува како оправдување за дефетизмот и очекувањето „некој друг да ја заврши работата“ за започнувањето на преговорите. Така, процесот на евроинтеграцијата на Македонија повторно пропаѓа во „ископаните длабоки стапици на уцени“, заедно со некои наши официјални личности, назначени од Владата, кои често и не се толку транспарентни, наводно во „интерес на процесот“.

Процесот на евроинтеграција на Македонија, издигнат на пиедестал на приоритетна цел на целото македонско општество, за жал веќе три децении, се прпелка во рамките на „ограничени персонални лобирања“. Но треба да се исчекори похрабро, посмело, бидејќи сосема легитимно е македонските претставници во Европскиот парламент да бидат поангажирани со преставувањето на македонските аргументи и позиции, па и да ги спротивстават на бугарските агитаторски тези за македонската историја, идентитет и јазик. На Македонија ѝ е потребно излегување од маѓепсаниот и непродуктивен круг на (контра)аргументирање и реплицирање преку изјави со провокациите на бугарските политичари, треба да се прејде во „поширока дипломатската офанзива“ пред европските и меѓународните институции.
– За почеток, потребни ни се обединетост на внатрешен план и координирана дипломатска акција во однос на претставувањето на македонската позиција пред ЕУ и меѓународните институции. Односно на надворешен план да се надминат тенденциите за подвоен настап на претставници од позицијата и од опозицијата. Акцентот на нашата дипломатска офанзива треба да биде насочен кон укажување пред институциите на ЕУ, па и пред ОН, дека Македонија е соочена со бесправно поставен проблем од страна на Бугарија. Треба да се оспори правото континуитетот на самостојноста на македонскиот идентитет воопшто да се поставува како проблем, зашто позицијата на Бугарија е во директна спротивност на основните загарантирани колективни права во актите на Обединетите нации од 1947 и од 1951 година. Настапот на македонските претставници треба да биде фокусиран на аргументите со правна основа, а не на политичките аргументи, иако во нашиот случај со Бугарија не преовладуваат аргументите, туку политичките позиции. Позицијата на Бугарија во ЕУ во однос на нашата е таква што нејзиниот глас се слуша онаму каде што нашиот не може ни да допре. Доколку се навлезе во реплицирање на тезите што Бугарија ги изнесува пред ЕУ за Македонија, постои ризик да навлеземе во оправдувања, па другите членки на ЕУ да нѐ перципираат како „виновни“, според француската поговорка „оној што се оправдува, всушност се обвинува“ – вели универзитетскиот професор по филозофија и поранешен пратеник Ферид Мухиќ.

Тој смета дека на ЕУ треба порешително да ѝ се стави на знаење дека Македонија не е подготвена да разговара додека не докажат дека Бугарија воопшто има право да проблематизира прашања регулирани со актите на Обединетите нации и со основните постулати на меѓународното право. Паралелно со дипломатската офанзива, не би било на одмет и да се организира поинтензивна меѓународна кампања за претставување на континуитетот на самостојноста на македонскиот идентитет, со што преку културно-историски аргументи би се демантирале бугарските тези за спорноста на македонскиот идентитет.
Додека македонската страна чека да поминат изборите во Бугарија за преземање посериозни активности за почеток на преговорите, Софија не се откажува од антимакедонската кампања и со нови потези се обидува да ја објасни својата позиција на европските политичари. Веќе е најавено дека на 15 февруари ќе се објави т.н. „бела книга за јазичниот спор меѓу Бугарија и Македонија“, во која ќе бидат презентирани примери за наводна „кражба на бугарската историја“, а македонскиот јазик е претставен како „скопска пишана норма“. Книгата се очекува да биде преведена на англиски, германски, португалски и на шпански, со цел Европејците, а особено Португалците како претседавачи со Унијата да ја разберат бугарската страна. Реакциите на бугарските политичари не стивнуваат и воопшто не се намалува интензитетот на агресивност на секоја изјава на македонски политичар. Иако постои тенденција во македонската јавност за создавање перцепција дека Бугарија е „неразбрана“ од другите земји-членки на ЕУ за нејзините историско-идентитетски условувања на македонските евроинтеграции, самиот обид за вметнување формулација за „избегнување на фалсификувањето на историјата“ во заклучоците за проширувањето на последниот самит на ЕУ во декември, иако блокирани од Словачка и од Чешка, претставува сериозен аларм за Македонија и предупредување дека бугарската кампања можеби предизвикала резервираност за македонското прашање и кај другите земји-членки. Дополнително, од извори во Брисел доаѓаат информации дека еврокомесарот Вархеи поднел предлог за решавање на македонско-бугарскиот спор во корист на бугарската страна, иако на директно прашање тој тоа ниту го потврдил ниту го демантирал.

– Континуирана е потребата за подобрување и засилување на македонската дипломатија и дипломатските активности пред институциите на ЕУ, но и поединечно кај земјите-членки. Ноторен факт е дека имаме празни амбасадорски места во клучни држави за нашите европерспективи. Не само во овој миг, потребни се долгорочно регулирање и постојано интензивно дејствување на македонската дипломатија. Очигледно е дека „битката“ со Бугарија во ЕУ ќе трае, но не само поради тоа, на Македонија секако ѝ е потребно градење поблиски и поконкретни дипломатски релации со сите земји-членки на Унијата во целиот процес на пристапувањето. Што се однесува до настапот во Европскиот парламент, товарот и одговорноста за тоа се на македонските пратеници, кои можат да влијаат преку своите парламентарни групи. Сепак, Европскиот парламент е секундарен играч во европското проширување. Десетина години добиваме препораки од ЕП за започнување преговори со ЕУ, но сѐ уште сме таму каде што сме со евроинтеграциите. Фокусот на дипломатскиот интензитет треба да биде насочен спрема оние што имаат влијание на процесот на одлучување во ЕУ, т.е. спрема клучните земји-членки – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики – Скопје.