Со членството на Македонија во НАТО, Алијансата ќе добие уште еден партнер во мисијата за одржување на рамнотежата и мирот во светот, рече адмиралот Џејмс Фого, командант на Јужното крило за здружените сили на НАТО, на денешната средба со премиерот Зоран Заев.

Фого ја истакна и улогата што ја има Македонија во регионот во еден, како што нагласи, чувствителен период, особено со позитивниот пример за решавање на меѓусоседски прашања како што беше прашањето за името со Република Грција.

Адмиралот Фого, соопшти владината прес-служба, ја поздрави и одлуката на Владата и на Министерството за одбрана полигонот Криволак да биде ставен на користење за потребите на НАТО и ги нагласи цивилните и економските придобивки што земјите членки и сојузници на Алијансата ги стекнуваат од меѓусебната соработка.

Премиерот Заев оцени дека „посетата на делегацијата на Јужното крило за здружените сили на НАТО, предводена од командантот Фого е уште едно значајно признание и охрабрување за Македонија во исклучително значаен период, кога процесот за уставните измени влегува во завршница и кога успешниот епилог на процесот ќе ја активира постапката за потпишување на Протоколот за пристапување на Република Македонија во членство во Алијансата“.