Фото: Игор Бансколиев

По отворањето на гласачките места во Основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, неколкумина граѓани го искористија правото на гласање за избор на градоначалник на Скопје и на општината, како и за избор на членови на новиот состав на советите.

Гласањето поради новите изборни правила за проверка на идентитетот на гласачот се одвива позабавено. Граѓаните мораа да чекаат по десетина минути за да влезат во просторијата за гласање, иако пред нив имаше само по еден гласач.

Поради епидемиолошките протоколи во истовремено можат да гласаат само две лица, што го одолговлекува целиот процес на проверка, кој се спроведува со оставање на отпечаток на прст и со ставање на потпис во избирачкиот список.

– Пред мене беше една жена и таа ја погреши просторијата за гласање. Изборната комисија два-три пати ја повторуваше процедурата на фингерпринт-апаратите, за на крај да констатираат дека таа треба да гласа на друго избирачко место. Исто и на постарите лица им треба да се снајдат со долгите списоци на кандидатите за совети и за градоначалници. Тоа одзема време во чекање – ни изјави еден жител на населбата 11 Октомври.

Гласањето во скопското ОУ „Коле Неделковски доцнеше околу 15-20 минути поради неможноста да се стартуваат фингерпринт-терминалите. Гласачкото место 2867 беше затворено бидејќи терминалот не функционира, со што се чекаа на инструкции од ДИК.

Граѓаните имаа забелешки и на сличноста на заштитините бои на позадината на гласачките ливчиња, и мораат да внимаваат каде да ги стават во четирите гласачки кутии. Но тука е член на избирачкиот одбор кој дава насоки на гласачите.