Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонските граѓани беа сведоци на разни „бугарски возови“, фантомски гласачи, групно гласање, полнење кутии, штелување записници и уште многу варијации на разни други изборни манипулации, само за да се дојде до власт, без оглед на вистински изразената волја на граѓаните. Имено, ниту спрејот на прстот и УВ-ламбата, ниту фотографијата во избирачкиот список, ниту мастилавиот прст придонесоа за поголема доверба во изборниот процес изминатите години. Тешко дека ќе го направи тоа и фингерпринтот. Веродостојноста на изборите лежи во свеста и постапките на граѓаните, а и во начинот на функционирање на институциите, со безрезервно почитување на принципите на владеење на правото, а не со некакви облици за контрола што секојпат може да се заобиколат

Формулата за веродостојни избори е почитувањето на принципите за владеење на правото, а не „техникалии за контрола“ на изборниот процес

Власта и опозицијата ја продолжуваат дискусијата за потребата од воведување скенер за земање отпечаток од прстот (фингерпринт) на претстојните локални избори, иако повеќе од јасно е дека и каков било модел да се воведе, без оглед кој и да го понуди, некои од граѓаните повторно ќе изразуваат сомнежи за веродостојноста во изборните резултати, бидејќи редовно постојат посилни или послаби индикатори за тоа.
Наталожената недоверба во најголем дел е резултат на искуствата во изминатите 30 години, кои покажаа дека без оглед која партија е на власт, ги користи сите механизми (и легални и оние што не се такви) за да го изменаџира изборниот процес во своја корист и да дојде до што поголем број гласови, кои реално ги нема.
Македонските граѓани беа сведоци на разни „бугарски возови“, фантомски гласачи, групно гласање, полнење кутии, штелување записници, уривање рекорди при гласање за една минута и уште еден куп разни други изборни манипулации и акробации, само да се дојде до власт, без оглед на вистинската волја на гласачите.
Поради тие причини, ниту инсистирањето на опозицијата за воведување на таканаречениот фингерпринт, но ниту прифаќањето од страна на власта на ваквата солуција за граѓаните нема да значи целосна доверба во нешто што државата никогаш не успеа да го воспостави, а тоа е владеење на правото, со што ќе се ставеше точка на секакви изборни измами, манипулаторите ќе завршеа зад решетки, а сите потенцијални злоупотреби ќе беа обесхрабрени.

Во западните демократии изборите се доживуваат како највисок чин на демократско изјаснување на народот, без некој да се обидува да ја злоупотребува неговата волја, така што речиси без исклучоци изборниот процес завршува со признавање на победата од сите учесници и честитка од страна на поразениот, без народот воопшто да го доведува под знак прашалник изборниот резултат. Се гласа со физичко присуство на избирачки места, преку интернет, по пошта, и сето тоа минува во најдобар ред и со највисок кредибилитет.
Кај нас тоа досега не беше случај и ретки се примерите кога резултатите беа признаени без никакви забелешки, така што ниту спрејот на прстот и УВ-ламбата, ниту фотографијата во избирачкиот список, ниту мастилавиот прст придонесоа за поголема доверба во изборниот процес изминатите години. Прашање е дали и сегашниот предлог за фингерпринт нешто ќе промени во перцепцијата на граѓаните, освен впечатокот дека повторно ќе се потрошат еден куп народни пари без никаков ефект.
Аналитичарите со кои се консултира весникот сметаат дека довербата во изборниот процес може да се врати единствено со владеење на правото, а не со некакви техникалии.
– Довербата во изборниот процес може единствено да се врати само со владеење на правото, со ништо друго, ниту фингерпринтови, ниту спрејови, сето тоа е само замајување на јавноста и оставање впечаток дека нешто се работи, односно нишај го возот демек се движи – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Според него, ова што сега се предлага со фингерпринтот како начин за враќање на довербата на граѓаните во изборниот процес е само фасада и трошење пари.
– Ова е замајување на јавноста, трошење државни средства и глумење дека нешто се работи. Апсолутно довербата се враќа само со владеење на правото, со казнивост на оние што ги кршат законите, со казнивост на оние што гласаат двапати, со казнивост на оние што дозволуваат луѓе да гласаат по неколкупати, да полнат кутии, со непомилување на некои такви лица и слично. За жал, ние имаме такви луѓе што во Чаир правеа еден куп изборни нерегуларности, а потоа станаа државни функционери. И во една таква ситуација, каква доверба сакаме да имаме во изборниот процес – прашува Пекевски.

Тој вината за невладеењето на правото ја гледа еднакво и кај опозицијата и кај позицијата.
– Условно, партиите се заинтересирани за владеењето на правото само во услови кога се во опозиција. Кога е обратно, тоа не е можно. Потребни се радикални решенија, кои во моментот не можат никако да се имплементираат, односно потребно е време, а тоа време ние 30 години го чекаме – констатира Пекевски.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека не станува збор за враќање на довербата во изборниот процес, туку воопшто за враќање на довербата дека можеме да мрднеме напред.
– Она што е најстрашно е дека цел свет оди напред, исчекорува напред во начинот на избор, во начинот на гласање, во користење нови технологии, користење интернет и слично, кај нас, наместо да ги применуваме тие работи, ние се враќаме назад и веќе не станува збор за доверба во самиот процес, туку доверба во тоа дека можеме да мрднеме од оваа состојба во која сме сега – вели Најчевска.

Според неа, без оглед какви решенија сега се нудат околу гласањето, земјава сепак заостанува зад развиениот свет.
– Можеме ние да измислуваме секакви работи што се соодветни на 16, 17, 18 век, меѓутоа тоа нема да го промени фактот дека ние заостануваме зад светот во обезбедувањето лесно, достапно и информирано гласање на граѓаните – заклучува Најчевска.