Комитетот за интеграција на Македонија во НАТО, вчера попладне одржа седница на која членовите се информираа за статусот и напредокот на реформите на безбедносните служби.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, информираше за интензитетот на активностите и системските решенија преземени за структуирање на новоформираната Агенција (АНБ), следејќи ги критериумите и стандардите на Северноатлантската Алијанса.

Во рамки на седницата беа разгледани и начините за воспоставување на безбедносна комуникација со НАТО и беа разгледани можности за обезбедување просторно решение за постојаната мисија на нашата земја како полноправна членка на НАТО.

Во продолжение на седницата, членовите на Комитетот разговараа и за одделни прашања кои се однесуваат на остварување на дадената рамка за продолжување на домашните реформи, како и за текот на досегашната ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО, од страна на земјите-членки.