Во Преспанскиот договор изречно е наведено и предвидено дека сите производи и продукти што се однесуваат за нашата земја ќе се означуваат со акронимите МК и МКД. Наместо тоа, Грција ни воведува нов акроним и ознака – „РНМ“, кои ги лепи на производите што транзитираат преку солунското пристаниште. Зошто се прави тоа се обративме до солунското пристаниште, а и до македонската царина, шпедитерите, Пазарниот инспекторат и стопанските комори

Грција го крши Преспанскиот договор и ни лепи нов акроним

Месни и сувомесни производи заедно со неколку други типови прехранбени производи што стигнуваат на домашниот пазар од увоз и поминуваат преку грчките пристаништа на пакувањата добиваат втиснат печат со ознаки „РНМ“, како некој вид кратенка или акроним поврзан со новото име на нашата држава?! Ваквото самоволие и противправно однесување на грчките власти претставува уште едно флагрантно прекршување на одредбите од Преспанскиот договор, каде што јасно и изречно е наведено и договорено дека сите производи и продукти што се однесуваат за нашата земја ќе се означуваат со ознаките МК и МКД. Наместо тоа, според нејзина волја, Грција ни воведува нов акроним или ознака „РНМ“.

Ние како постилок, а тие со прескок на „Преспанскиот“

Во споменатиот контекст, за потсетување треба да се спомене фактот дека соседна Грција досега воопшто не се придржуваше до одредбите од Спогодбата од Преспа, со која беше надминат повеќедеценискиот спор. Грција не само што не ги спроведува своите обврски туку на секој можен начин ги прекршува, за што најнов пример е токму наметнувањето и ставањето на акронимот „РНМ“.
Од друга страна, Македонија доследно ги применува и почитува одредбите од Преспанската спогодба, а во некои случаи и повеќе од тоа што е предвидено. Да се присетиме дека дури се брусеа и ознаките на капаците од канализациските шахти. Властите кај јужниот сосед сѐ уште не ги промениле ниту таблите на автопатиштата и на граничните премини каде што треба да е означено името на нашата земја. Уште повеќе, иако Македонија во Собранието го промени својот устав, властите во Атина во тамошниот парламент по повеќе од три години ги немаат ратификувано трите меморандуми што произлегуваат од договорот од Преспа, а се поврзани со економската соработка меѓу двете земји, забрзувањето на македонските европски интеграции и контрола на македонскиот воздушен простор.

Кои се толкувањата на инволвираните страни

„Нова Македонија“ побара одговор за најновите потези и самоволието на грчките служби, а се обративме и до солунското пристаниште, македонската царина, шпедициските фирми, Пазарниот инспекторат и дел од стопанските комори.
Претставници на бизнис-заедницата, кои функционираат во шпедицискиот сектор, велат дека ваквата појава на наметнување нов акроним постои, се случува одвреме-навреме, не постојано, но сепак потврдуваат дека се случува сѐ почесто.
Тие брифираат дека непрофесионалноста во работата на мноштвото од шпедициски и транспортни фирми, придружено од желбата за поголема заработувачка во тешките услови на трговија во пандемијата формирале клима во која се дозволува при увозот на стоки нелегално да се користи друг акроним за нашата земја.
– Производите во суштина се безбедни и тие ги минале сите неопходни царински и медицински контроли, но едноставно затаила онаа што се однесува на проверката на етикетата и на пакетите во кои се пакуваат производите како месото, но и етикетата на амбалажата на самите средства. Сепак иако ги има овие случувања, тие, за среќа, се малку – велат шпедитерите.
Од царината, во одговор за „Нова Македонија“, велат дека Царинската управа при прием на царинска документација, во која во ЕУР1-документот за потекло на стоката како кратенка за нашата земја е наведена „РНМ“ (наместо меѓународно договорената во согласност со Преспанскиот договор, МКД,) се отфрлаат како неважечки.
– Досега од другите инспекциски служби (Фито, АХВ) на граничните премини немаме добиено забелешка дека е констатирана ваква појава – велат оттаму во одговор за редакцијата.
Од солунското пристаниште, пак, за „Нова Македонија“ велат дека кога на пристаништето ќе пристигнат месо и пакувања на месо наменети за домашниот или странскиот пазар истите тие веднаш се проверуваат од страна на ветеринар и медицинско лице и се ставаат неопходен печат и ознаки дека е извршена потребната контрола, потоа сѐ се проследува кон царинските служби на Грција.
Според надлежните во пристаништето, на оваа процедура во случајот со Северна Македонија, освен грчки претставници во пристаништето кога пристигнуваат пратките, присутни се и преставници од Северна Македонија.
– По извршените проверки на медицинските и ветеринарни служби предметот преминува во надлежност на царинските служби, кои проверуваат дали сѐ со одредената пратка е во согласност со државните закони и норми – се вели во одговорот до редакцијата.
Стојко Пауновски од Државниот пазарен инспекторат вели дека ако се забележат некакви нерегуларности поврзани со печатите и етикетите на сите производи што се увезени во земјата во трговијата без разлика од каде пристигнуваат тогаш истите тие според законските надлежности се проследуваат до соодветни државните тела, кои натаму реагираат на секакви пропусти.
Од Сојузот на Стопанските комори на Македонија, пак, кратко велат дека не ги коментираат овие случувања.
Од Стопанската комора на Македонија, пак, велат дека досега немаат пријавено случај од нивните компании-членки поврзан со ставање печат со ознаки на нашата земја во Грција што не соодветствуваат со уставното име на државата.


Што предвидува Преспанскиот договор

Во точките Д и Ж од членот 1 од Преспанскиот договор се регулира употребата на кодот на Северна Македонија кога станува збор за трговија и увоз на продукти од Грција.
Во точката Д се истакнува дека кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на втората страна ќе биде НМ или НМК, а за сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).
Во точката Ж, пак, се истакнува дека во врска со погоренаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво.