Фото: Маја Јаневска-Илиева

Студијата што ја изработи Македонското здружение за млади правници (МЗМП), во рамките на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, укажува на многу лоша состојба на Преспанско Езеро, а се анализира случајот на загрозување на водните ресурси на Преспанско Езеро и ефективноста на инспекцискиот надзор во конкретниот случај

Децениска негрижа за Преспанско Езеро

Македонскиот бисер во низата, препознатлив на македонската туристичка мапа, ги губи сјајот и привлечноста за туристите. Преспанско Езеро исчезнува, водата се повлекува, а зад неа остануваат кал и мирис на тиња и мочуриште. Некогашните плажи сега се полни со трски и со кал. Околните жители велат дека со години нема решение за овој проблем.
Кој е главниот проблем на Преспа и има ли начин да се зачува езерото? Колку климатските промени се фактор за Преспа?
Студијата што ја изработи Македонското здружение за млади правници (МЗМП), во рамките на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, укажува на многу лоша состојба на Преспанско Езеро, а се анализира случајот на загрозување на водните ресурси на Преспанско Езеро и ефективноста на инспекцискиот надзор во конкретниот случај.
Со неа се прикажува начинот на постапување на надлежните државни органи во случајот на состојбата на Преспанско Езеро. Анализата на конкретниот случај ќе придонесе да се утврдат недостатоците во надзорот врз заштитата на животната средина и ќе посочи дали постојат и кои се конкретните системски недостатоци во државниот апарат.
Преспанско Езеро се смета за едно од десетте најзначајни водни живеалишта во Медитеранот и светот. Главна одлика на биолошката разновидност на езерото и поширокиот Преспански Регион се бројноста и диверзитетот на видови, поради што регионот е жешка точка за биолошка разновидност и се смета за значајно водно живеалиште во глобални рамки.

Поради неговите специфични хидролошки, хидробиолошки и геоморфолошки карактеристики, природните пејзажи, уникатноста, природната убавина на областа и други вредности, езерото е прогласено за заштитено подрачје со Законот за прогласување на Преспанско Езеро за споменик на природата од 2011 година.
Сепак, водостојот на езерото опаѓа во последните 30 години. Првата и според расположливите документи засега единствена мерна станица за Преспанско Езеро е поставена во Стење, во мај 2015 година. Во мај 2016 година водостојот бил намален за 110 сантиметри, тој тренд продолжил до првата половина на 2017 година, во август 2018 година висината на водата била намалена за
166 см, за денес нивото на водата да е намалено за околу 313 сантиметри. Претходните две години (2019 и 2020) е регистрирано дека врнежите во сливот на езерото се под повеќегодишниот просек.
Според одредени сознанија, езерото било и на пониско ниво. Доказ за ова се остатоците од наколната населба во близината на селото Наколец, кои со повлекување на езерото биле забележани на брегот.

Климатските промени сериозен удар

Водостојот се намалува под влијание на климатските промени (покачување на температурите на воздухот, намалување на релативната влажност, зголемување на испарувањето, зголемување на облачноста и намалување на осончувањето, врнежите немаат поголем тренд), но и поради користењето на водата за системи за наводнување од страна на трите држави. Во езерото се влеваат загадувачки хранителни и опасни материи, преку т.н. дифузни извори (на пр. плакнење на хранителните материи од земјоделските површини) и точкести извори (на пр. испуст на отпадни води од домаќинствата и индустријата, плакнење од напуштени депонии и сл.). Постојат и физички притисоци од земјоделството во сливното подрачје, дренирањето, одржувањето на водните текови (канализирање) и одземањето на водата.

Слаба инспекциска контрола

Според заклучоците на студијата, само со двајца водостопански инспектори при Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) не може да се очекува да се извршат доволен број инспекциски надзори за примената на Законот за водите што ќе придонесе кон негово целосно имплементирање.
– Инспекторатот до неодамна немаше вработено правник, па административните и правните работи за подготвување решенија, жалби и тужби ги вршеа инспектори што немаат соодветно правничко образование. Сето ова го зголемува обемот на работа на ДИЖС и очекувано е да влијае на ефикасноста на неговата работа. Општина Ресен, пак, има вработено само еден овластен инспектор за животна средина на ниво советник инспектор, додека другите нивоа се непополнети, поради што исто така не може да се спроведе ефикасен, навремен и соодветен инспекциски надзор врз спроведувањето на законите за кои е одговорна локалната самоуправа. Оттука, потребно е сериозно зајакнување на капацитетите на инспекциските служби, односно зголемување на бројот на инспектори што го следат спроведувањето на законите што се однесуваат на Преспанско Езеро – се вели во студијата.

Планови меѓу три земји

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини имал средба со колегите од Грција и од Албанија во акцискиот план за спас на Преспа, кој бил подготвен во декември минатата година. Договорена е размена на информации и координирање во акциите на терен.
– Клучно е што сите три земји треба да ги споделуваат податоците за нивото и квалитетот на водата. Ова е само почеток, зашто експертите што ги имаме го направија ова бесплатно за да го исполниме овој акциски план – посочил Нуредини.
Нивото на Преспанско Езеро е пет и пол метри под нормалниот водостој. Во акцискиот план стои дека проблемот нема да исчезне без заедничка заштита од трите држави. Предвидено е формирање прекугранична комисија за контрола на водите во сливот и езерото и поддржување на прекуграничната соработка на општините од трите соседни држави. Од албанската страна се бара да го провери истекот на водите од Мала Преспа кај месноста Грло во правец надвор од сливот кон Албанија и доколку има истек, тој да се спречи. Од Грција се бара да обезбеди постојано испуштање одредено количество вода од Мала Преспа во големото езеро.

[email protected]