Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со наставата од далечина многу ученици се чувствуваат поопуштено во својот дом, тој им е посигурна средина за учење, имаат одлични дигитални вештини и со тоа постигнуваат подобри резултати, сметаат во Бирото за развој на образованието

Бирото за развој на образованието смета дека учениците одлично ги усвојуваат знаењата на дистанца

Оваа учебна година за најголем број од учениците во државата наставата започна од дома. Дали има промена во оценувањето и каков е ефектот од новиот начин на оценување на далечина? Дали оценките се објективни и со какви тешкотии се соочуваат наставниците и учениците? На овие прашања одговор побаравме од Бирото за развој на образованието (БРО), иако има наставници што сметаат дека оценките од ова полугодие треба да бидат поништени, зашто, според нив, тие не се ниту реални ниту пожелни.
– Оценувањето ги вклучува резултатите добиени со постојано следење и вреднување на работата на учениците. Во наставата од далечина не треба да се стави акцент на научените факти, туку на начинот на пребарување и наоѓање и на начинот на избирање релевантни извори на информации, нивното споредување, анализирање и вреднување на информациите, и како врз основа на тоа се донесуваат заклучоци и како се формираат ставови. На овој начин се вреднуваат и оценуваат посложените когнитивни процеси, а тоа ги поттикнува учениците за поголем ангажман и повисоки постигања – објаснуваат во Бирото.

Од своите наставници и професори, учениците треба да добијат насоки во врска со начините на вреднување и оценување, за тоа како самостојно да учат, како да проверуваат колку научиле, кои докази треба да ги собираат, како ќе се проверува наученото, како ќе се формира оценката.
– Наставата од далечина предизвикува промени во начинот на следење, вреднување и оценување на учениците и поголем фокус се става на формативното оценување. Во формативното оценување на далечина повратната информација често не се дава синхроно (истовремено), но затоа таа може да биде подетална и поконкретна. При изборот на алатките и инструментите за формативно оценување се избираат оние што може да се користат, на пример: ученички проекти и истражувања, есеи и презентации, рефлексивни дневници, блогови и дискусии во затворени групи, е-портфолио, тестови со кратки есејски прашања. Секогаш кога е можно, наставниците треба да отворат поле за аргументирани дебати, во пишана форма, да поттикнуваат критичко размислување и да ги поврзуваат актуелните случувања со темите што ги третираат – појаснуваат оттаму.
Во БРО информираат дека оценувањето на крајот од првото тромесечје се реализирало успешно, а многу мал дел наставници се пожалиле дека немаат доволно време да го реализираат оценувањето.

– Во однос на објективноста во оценувањето, одговорноста е кај наставниците. Сепак треба да се знае дека со наставата од далечина многу ученици се чувствуваат поопуштено во својот дом, тој им е посигурна средина за учење, имаат одлични дигитални вештини и со тоа постигнуваат подобри резултати – додаваат во БРО.
Пред неколку месеци беше подготвено упатството за оценување од далечина, а сега се подготвуваат уште две нови – упатство за методиката на наставата од далечина и упатство за реализација на воннаставните активности од далечина, кои се во завршна фаза на изработка.
Оценките се описни во првиот развоен период од деветгодишното основно образование и во вториот развоен период, освен последната годишна оценка, која е бројчена. Бројчени се во третиот развоен период од деветгодишното основното образование и во средното образование.
„Нова Македонија“ веќе објави дека има наставници што сметаат дека Министерството за образование и наука треба да го изземе ова полугодие од оценување.

– Моите учениците се четврто одделение и речиси по секој тест имам расплакани ученици, загрижени лица и нервозни родители, затоа што на половина час им паѓа интернетот на дел од учениците, бидејќи немаат соодветни компјутерски уреди или не им се отвора тестот, трети не умеат да се снајдат бидејќи се сами дома, а најголем проблем и во двете апликации е тоа што доколку ученикот не одговори точно како што јас сум дала во можните одговори, тестот им се бодира нереално – изјави неодамна за „Нова Македонија“ наставничката Зорица Милкова.