Фото: Игор Бансколиев

Разговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство продолжуваат утре во 15 часот, потврдија од Министерството за правда.

Според министерката за правда Рената Дескоска, ВМРО-ДПМНЕ со 65-те амандмани за законот за јавно обвинителство има намера да го уништат Специјалното јавно обвинителство и да се запрат сите постапки.

-Со тие амандмани се уништува СЈО, се уништуваат истрагите, предистражните постапки и постапките кои ги презело СЈО. Тоа не се амандмани кои можат да го подобрат текстот, кажа Дескоска за ТВ21.

Таа не е оптимист дека ќе биде постигнат договор со ВМРО-ДПМНЕ, но, сепак, како што вели не се откажуваат од процесот на разговори.

Законот за јавно обвинителство се носи со двотретинско мнозинство и е еден од условите за добивање датум за отворање на преговори со Европската Унија.