Устоличување на Заев, детронизација на Мицковски и страв од Груби

Предлогот за составување нова техничка или коалициска влада преку поинакво мнозинство во Собранието, конфузијата околу снабдувањето со вакцини за спречување на ковид-пандемијата, бегството и враќањето на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, лошите односи со Бугарија и дебатата за реформите во образованието се завесата зад која се одвиваат интересните процеси во раководствата на трите најголеми партии во Македонија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Тоа се трите најголеми организирани системи (плус мафијата), кои споени заедно повеќе од дваесет години ја влечат Македонија кон национално, политичко, економско, безбедносно, демократско и морално дно што може да го достигнат една држава или едно општество.

Партии, лидери и состојби

Еден кандидат- голема демократија

Како што во државата почна пописот на населението, така во Социјалдемократскиот сојуз се врши партиски попис дефиниран како процес за ажурирање членови и нивна активна регистрација. Тоа е акција што произлегува од одлука на 25-от конгрес (прв дигитален, во согласност со протоколите за јавното здравје) на партијата од октомври минатата година, кога се донесени статутарни измени. Промените налагаат новиот претседател да се избира на директни непосредни внатрепартиски избори. А за да има регуларни избори, треба да има членство, попишано и регистрирано, кое треба да гласа на 21 март, неделен викенд. Ако се следат соопштенијата што ги објавува партијата, таа бројка стигнала над 80 илјади, која, можеби, до денот на гласањето би пораснала до 110-120 илјади. Со таа бројка, СДСМ би се изедначил со рекордот на членство што го имаше некогашниот Сојуз на комунисти на Македонија.
Од високите партиски кругови ваквиот вид избор на претседател, и усно и писмено, е означен како врв на внатрепартиската демократија. Ако се набљудува теоретски, овој чин навистина би бил круна на демократијата и слободното мислење во внатрешните редови, но ако се анализира практично, оцената најверојатно би била сосема обратна. Имено, според сите сознанија, сегашниот претседател Зоран Заев ќе биде единствениот кандидат. Ќе нема конкуренција, само идеалистичка будала или добро платена фигура би пријавила кандидатура или би прифатила улога на жртвено јагне за глумење демократија. Кој и да се пријави нема апсолутно никакви шанси пред неприкосновениот и забревтан Заев, кој на овој начин ќе го зацементира своето устоличување во партијата, по првото во јуни 2013 година. Осум години досега, уште четири отсега, втор по време на партиска власт по Бранко Црвенковски.

Заев победува – партијата губи

Избраниот модел што се применува не дава никакви шанси за објективен осврт за работата на претседателот, за неговите достигнувања или грешки. Не може да се чуе гласот на незадоволните или на поинаку мислечките, не може да се предложат нови насоки или да се посочат негативности. Таквата шанса можеби ќе биде наредниот конгрес, но, како што сега стојат состојбите, и тој ќе биде во знакот на славата и непогрешливоста на лидерот. За Заев и партијата единствено непознато прашање останува резултатот на довербата, колку проценти ќе изнесува на тие што ќе го дадат гласот за старо-новиот шеф. Треба да се верува дека нема да биде нескромен и самиот единствен кандидат, ниту, пак, би било пожелно изборната комисија да соопшти дека Заев добил повеќе од 80-90 отсто од гласовите. Таа бројка, во сегашните услови, можеби би се достигнала и без штелување, но дури тогаш ќе се постави прашањето што е и каде е демократијата, како што се поставува во сите земји во кои владеат диктатура и култ на личноста.
Од друга страна, колку што Зоран Заев ги цементира позициите во партијата, толку му се на стаклени нозе во Владата и во Собранието. СДСМ во Собранието доминира само со 29 свои оригинални пратеници, повеќемина молчаливи лојалисти и лица непознати во јавноста. Бројката до 48 ја збогатуваат ситни партии со по еден или два-три пратеника, што можеби е добар демократски фолклор, но не се фактор за водење стабилна и долгорочна политика. Таа ѝ одговара на елитистичката каста во партијата, но долгорочно отвора пат за општ партиски крах. Таквата ситуација го прави парадоксот Заев да победува, а партијата да ја губи довербата, како кај дел од своето членство, така и кај дел од јавноста што не е опозициски настроена, но е објективно незадоволна. Во тој дел спаѓаат таканаречените неопределени гласачи што на последните избори гласале за СДСМ, а сега се разочарани.

Неспорно е дека мнозинство граѓани ги поддржуваат ставовите и залагањата на Заев и на СДСМ за НАТО и за ЕУ, и тоа е ветрот на кој јава власта. Но сериозни, дури и болни, се забелешките што овие структури низ договорите со Грција и Бугарија, недоволно подготвени и историски непотковани по седумдесет и пет години, го отворија македонското прашање на македонска штета. Република Македонија, чиј домицилен народ беше убеден дека неговите идентитетски прашања се одамна решени, си дозволи низ тие договори да биде вовлечена во ирационална дебата за самобитноста на македонскиот народ и за неговиот идентитет и истовремено да бидат проблематизирани, донесени до раб на опстанок, подалечната и поблиската историја, јазикот и писмото.

Мицковски губи – никој не победува

Ако се употреби јазикот на боксерските вештини (по што беше познат Никола Груевски), за да се објасни ситуацијата на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО-ДПМНЕ), тогаш може да се рече дека таа во политичкиот ринг заличува на грогиран боксер. Кога мислеше дека лета во облаци, експресно, во две последователни рунди доживеа два нокаута. Првиот по очекуваното изгласување доверба на владата на Заев во Собранието и вториот преку неочекуваниот, блицкриг-предлог за составување влада на единство или национален спас, не е ни важно ни како би се именувала таквата хибридна конструкција. Третиот нокаут е коронавирусот на лидерот, но тоа е божја, не е политичка работа.
Секој долгогодишен проследувач на состојбите, дејностите и улогата на актерите на ВМРО-ДПМНЕ може да заклучи дека во таа партија, историски гледано, не се случува ништо ново. Проклетството на внатрешните расколи, меѓусебните пресметки и кодошења, на тешките кавги, поделби и фракционерства, трката по функции и пари, предавствата во сопствените редови, нејасните позиции за Македонија, распнатоста меѓу македонството и бугарофилството се елементите што оваа навидум (не)патриотска организација ја следат уште од самото основање. Таа слика денес се одразува и низ барањата на Иницијативниот одбор за организирање на вонредниот конгрес и реформи во ВМРО-ДПМНЕ, кој бара оставка од претседателот Христијан Мицковски.

Одборот што го сочинуваат актуелни членови, поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, бара целосно ново раководство, го обвинува Мицкоски дека ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување меѓународна поддршка. Тие својата партија ја сметаат за руинирана до непрепознатливост, без капацитет за коалицирање и поддршка од стратегиските западни партнери. Интересно е што во Иницијативниот одбор мнозинството се релативно млади сили, претходни миленици на Никола Груевски и слуги на неговиот режим, поранешни министри или високи функционери и градоначалници обвинети или под истраги за криминал и корупција, претходно жестоко критикувани од страна на СДСМ, особено во Шарената револуција.
Од засега легитимното ВМРО, кое е силно поддржано од старата гарда, отворено се наведува дека зад Никола Тодоров и Ивица Конески, како водачи на бунтот, се влече опашката на Сашо Мијалков, поранешен највлијателен член на партијата, а за нивно чело, макар и како шпекулација, се спомнува Зоран Заев, главниот плетач на мрежата во која треба да падне вмровскиот лидер, неподготвен за попуштање, несоодветен за комуникација, непожелен за делба на власта. Самиот Мицковски и неговиот дел од партијата се доведени во шах-мат позиција. Неспорно е дека ќе се води тешка битка, во која и двете екипи ќе останат поразени, а добивката ќе биде во корист на СДСМ и на Заев. Детронизацијата на Мицковски што му ја подготвуваат неговите довчерашни сопартијци или пулени, реално гледано, не е во корист на ВМРО. Каков и да биде епилогот, кој било да биде победник, ниту едно ВМРО не може да го урне Заев од власт, може само да му помогне и долго да го одржува на тронот на Владата.

Артан во центар

Ако партијата ДУИ е змија што не ги покажува нозете, сепак одвреме-навреме се провлекува понекоја информација по која може да се врши анализа проследена со сомнеж дека би бил донесен вистинскиот заклучок. Таков е случајот сега, кога на виделина излегоа некои несогласувања, кои во партијата ги сметаат за лични, а не за програмски. Каузата е иста, непроменлива, во прашање се лични односи и интереси. Во партијата што не признава нијанси, туку сѐ се подведува на или-или, политичката војна се води околу позицијата на Артан Груби, освен што има високи партиски функции, е прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, втора по ранг во извршната власт. Овој дипломиран македонски новинар, стручњак за медиуми, докторанд на Универзитетот во Тирана, познат соработник на неколку амбасади и на американски агенции за помош со разни оперативни задачи, е трн во окото на не мал дел високи и заслужни членови на ДУИ, припадници на ветеранскиот клан што потекнува од ОНА.
Според нивни извори, Груби, со поддршка на Ахмети, е страв и трепет за сите сегашни и поранешни функционери на партијата. Тој оправдан уплав произлегувал од фактот што своевремено, во ерата на бомбите, сите прислушувани разговори што се однесувале за припадници на ДУИ, вклучувајќи го и Ахмети, од страна на Зоран Заев му биле дадени на Артан. Како што е познато, во стотиците објавени бомби, и покрај најавите, не се појавија бомби за челниците на ДУИ, иако сите тврдат дека такви има во изобилство, а се добро чувани во приватните трезори на Артан Груби. Со нив е во можност да уценува, да сее страв, да диригира и кадровски да управува. Тоа се покажало на дело со објавениот еротски разговор меѓу Муса Џафери, тогаш потпретседател на ДУИ, и Ермира Мехмети, пратеничка. Откако Ермира од говорницата на Собранието го нарекуваше уличен хулиган, само ден-два подоцна Артан ја пуштил снимката во јавноста. Со таа објава, освен што ги компромитира, со еден потег елиминира двајца надежни кадри, негови конкуренти во партискиот кариеристички натпревар. Немаше сила да помогне ниту Талат Џафери, во својство на министер за одбрана, кому Ермира, покрај пратеничкиот мандат, му беше и платена лична советничка.

Неприкосновениот Али

Конците на меѓусебна нетрпеливост се влечат досега, пламнати во внатрешната битка против Груби што ја водат Муса Џафери и Изет Меџити, силен предводник на дел од скопското крило на ДУИ, потпретседател на партијата, поранешен градоначалник на Чаир, сега пратеник, до завчера координатор на пратеничката група. Меџити и неговите поддржувачи ја засилија кампањата по формирањето на последната влада, кога јавно се спротивставија на одлуката на лидерот Али Ахмети, Груби и Бујар Османи да бидат дел од извршната власт, особено за Груби, кој, наводно, незаслужено се искачил на највисоките скалила на власта. Во целиот комплот намерно се пуштаат гласови дека во заднина се крие битка за наследник на Али Ахмети, иако сите знаат дека нема сила што може да го смени, освен ако самиот посака да се ослободи од функцијата претседател на партијата.
Поради нестабилното мнозинство што го има СДСМ, поради ставовите на пратеничката група на ВМРО под контрола на Мицковски и поради судирите во ДУИ, блокирана е работата на Собранието, што во превод значи закочена е Македонија. Собранието не може да ги донесе ни најнужните закони, партиите наместо интересите на граѓаните и државата, си ги гледаат партиските интереси. За колку време нештата ќе станат појасни, дали ќе се остварат идеите за некаква општоприфатена влада или ќе се инсистира на нови избори, може набрзо да се дознае. Во секој случај, меѓу граѓаните нема преголема доза оптимизам, и покрај најавите од власта дека со доаѓањето на пролетта ќе процветаат и оние дрвја што одамна се исушиле.

[email protected]