Фото: Игор Бансколиев

Изминатите години Уставот се менуваше близу десетина пати, само за да се задоволат нечии минорни желби, кои ниту македонскиот народ и мнозинството граѓани ги барале, ниту, пак, им биле од некаква полза. Ваквата практика на посегање по Уставот за сѐ и сешто ја наметнува и дилемата дали постои воопшто сеопшта национална стратегија за тоа каков карактер има државата и во која насока треба да се движи таа

ЧЕСТИТЕ ПОСЕГАЊА ПО НАЈВИСОКИОТ ПРАВЕН АКТ ВО ДРЖАВАТА КАКО ПОВОД

Последните најави за ново отворање на македонскиот устав за вметнување на Бугарите како малцинство во земјава, но и за нови уставни измени со кои изборот за претседател на државата би се одвивал во Собранието наместо на непосредни избори како досега, само ја потврдуваат претходно востановената лоша практика на често отворање и менување на Уставот, по принципот кој кога ќе посака или буквално кој ќе стигне, во зависност од одредени политички потреби или случувања.
Сето тоа наведува на два логички заклучока: или македонскиот устав е лош и бара постојани подобрувања или, пак, не постои единствен национален став и сеопшта национална стратегија кај мнозинскиот народ каков карактер има државата и во која насока ќе се движи.
Зашто навистина е апсурдно дури и да се замисли по желба на одредена малцинска заедница толку често да се отвора и темелно да се менува Уставот, само поради нечии политички ветувања. Или, пак, од друга страна уште поапсурдно е да им се угодува на желбите на соседите за признавање и вметнување и нивни наводни малцинства во земјава во македонскиот устав, без реципрочни мерки преземени од нивна страна.
Добро е познато дека изминатите години Уставот се менуваше близу десетина пати, само за да се задоволат одредени минорни желби, кои ниту народот ги барал, ниту, пак, му биле од некаква полза, а сето тоа затоа што не постои општа национална стратегија за тоа каде оди државата.

Доколку постоеше таква стратегија, тогаш Уставот ќе се отвораше само во случаи кога се носат крупни стратегиски одлуки што го дефинираат правецот по кој ќе се движи државата, како што е зачленувањето во НАТО или за она во ЕУ, или, пак, за прашања што ги засегаат сите граѓани. Тоа евентуално треба да го потегнат најголемите политички партии во земјава, како репрезенти на мнозинството граѓани, наспроти актуелната практика за отворање на највисокиот правен акт од страна на малцинските заедници, само за задоволување на нивните однапред проектирани политички агенди.
Најдобар доказ дека Уставот не може да биде пиши-бриши хартија се САД, чиј највисок правен акт е во сила веќе два века и натаму претставува модел по кој се пишуваат новите устави во светот. И во САД постојат многу малцински заедници, но за сите Уставот е „света книга“ што им ги гарантира сите граѓански права, па затоа никој не се дрзнува да бара негово отворање и менување.
Професорот по уставно право Светомир Шкариќ смета дека честите промени што се прават во македонскиот устав се резултат на внатрешни и надворешни фактори.
– Поголем број уставни амандмани се донесени под надворешен притисок. Се мешаат и внатрешни и надворешни фактори, но доминираат надворешните фактори и тука е проблемот. Уставот не се доживува како акт на една суверена земја, туку како дел од меѓународното право – вели Шкариќ.
Тој го поврзува тоа со последните уставни промени направени поради Преспанскиот договор.

– Со Преспанскиот договор со меѓународно право се регулираат одредени прашања од внатрешен карактер. Со други зборови, внатрешното право се интернационализира. Може да се додаде и дека преку Преспанскиот договор меѓународното право се конституционализира. Значи, на внатрешен план се интернационализира правото, на надворешен се конституционализира. Тоа може да стане и светски тренд и има повеќе такви примери во светот, така што се отвораат некои нови процеси што теоријата сè уште не ги осмислила добро, но се надевам дека тој тренд ќе продолжи и натаму – нагласува Шкариќ.
Коментирајќи ги најавите на одредени политички партии за ново отворање на Уставот заради задоволување на нивните ветувања пред гласачите за премиерска или претседателска функција во државата или, пак, за вметнување нови малцинства, професорот смета дека станува збор за големи уставни промени и форма на своевиден притисок.
– Таквите решенија за избор на премиер, претседател, претпоставуваат темелни промени на Уставот во целина, моделот на организација на власта, поделба на власта, така што тие се повеќе желби на овие политички партии, но има импликации врз Уставот и тоа е еден од облиците на притисок, политички притисок, етнички притисок и сега зависи од другите партии во која мера го прифаќаат тој притисок во зависност од нивните интереси – истакнува Шкариќ.

Според него, Уставот е жива материја и подложен е на промени, иако не би требало да е така.
– Уставот, формално кажано, не би требало да се менува, тој фактички се менува, одредбите остануваат исти, но суштината се менува под притисок на внатрешни и надворешни фактори. Кај нас ова фактичко менување е во голема мера застапено и затоа Уставот е заборавен и никој за него не води сметка, најмалку води сметка конститутивниот орган, Собранието. Уставната комисија не се состанува, не го следи процесот на остварување на Уставот, нема дебати и едноставно Уставот е осуден на умирање – констатира професорот по уставно право Светомир Шкариќ.