Фото: Дарко Андоновски

Колку и да се инсистира на информираност на граѓаните за предностите и шансите што ќе се добијат со успешниот референдум, се чини дека постојат теми во кампањата, кои оние што ја водат се обидуваат „дипломатски“ да ги избегнат. Такви теми се прашањата и дилемите што произлегуваат од спогодбата од Мала Преспа и уставните промени што се прифаќаат со неа, а кои како „третостепени“ се вметнати во референдумското прашање

Кампањата за референдумот на 30 септември продолжува според предвидената динамика, иако денеска Уставниот суд треба да ги разгледува иницијативите за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката за негово распишување. Имено, постапката на Уставниот суд не ги обесхрабри Владата и поддржувачите на спогодбата од Мала Преспа (секако и на членството на Македонија во ЕУ и во НАТО), во очекувањето на успешен референдум како, според нив, единствената опција за иднината на земјата. Тоа еднакво се однесува и на неговите поддржувачи во земјава и на високите функционери од ЕУ, НАТО и од САД.
– Информирајте се и искористете го правото на глас на референдумот. Вратата на ЕУ е отворена, но вие сте тие што одлучувате дали ќе ја искористите оваа можност – е пораката што и вчера ја повтори еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Но колку и да се инсистира на информираноста на граѓаните за предностите и шансите што ќе се добијат со успешниот референдум, се чини дека постојат теми во кампањата, кои оние што ја водат се обидуваат „дипломатски“ да ги избегнат. Такви теми се прашањата и дилемите што произлегуваат од спогодбата од Мала Преспа и уставните промени што се прифаќаат со неа, а кои како „третостепени“ се вметнати во референдумското прашање.
– Многу се логични самите уставни промени што ќе се случат. Верувам дека презентацијата ќе биде штом ќе бидат готови официјалните државни комисии што би работеле на уставните промени. Не може да се иницира правноформално ваква постапка заради тоа што тоа би значело прејудицирање на волјата на граѓаните. Јас сакав уште сега ако може да се презентираат, да видат граѓаните како изгледа тоа, но со сето тоа ќе се прави непријатно влијание врз граѓаните, а граѓаните треба навистина слободно да одлучат во овој период – изјави премиерот Заев при посетата на Липково.

Сепак, тој како предмет на измени ги наведува преамбулата и членовите 3 и 49 од Уставот.

– Во однос на евентуалните уставни измени што Владата ги најавува во континуитет, откако е потпишана спогодбата од Мала Преспа, треба да се знае дека е лага дека со само еден уставен амандман ќе се сменело уставното име и дека со тоа ќе се завршела работата. Промената на уставното име на државата значи многу повеќе од само еден уставен амандман! Само уставен аналфабет може да каже дека 193 пати споменатата Република Македонија во Уставот ќе се сменела со еден уставен амандман! Од договорот во Преспа е спомената потребата од промена на преамбулата, на чл. 3 и чл. 49, но зарем не може да се види дури и со очите на обичен лаик дека практично целиот устав ќе биде предмет на ревизија? Зарем толку сме наивни да мислиме дека Грците ќе дозволат да ги оставиме придавките „македонско“, „македонски“ во официјална употреба по она што е напишано во чл. 7 од договорот? Македонците треба да знаат дека ако дојде до отворање на Уставот на РМ ќе биде отворена големата Пандорина кутија, која ќе треба да заврши со создавање сосема нов институционален, национален и севкупен идентитет на Македонците! Промената на Уставот ќе значи бришење на сѐ што сме сега – предупредува професорката по уставно право, Тања Каракамишева-Јовановска.

Сличен став како професорката Каракамишева во врска со длабочината на интервенциите во Уставот, кои ќе бидат преземени со имплементација на спогодбата од Мала Преспа, има и политичкиот аналитичар, професорот Љупчо Ристевски, кој смета дека со овие измени македонскиот народ ќе престане да биде уставотворен народ на државата.

– Од овој момент сметајте дека во преамбулата се брише терминологијата „македонски народ“ и во членот 36 исто така, и се внесува само терминот „Македонци“… Значи во преамбулата ќе стои промена – граѓаните на Република Северна Македонија, Македонци, Албанци, Турци и т.н. по ред сите други… Со ова македонскиот народ се брише од државотворен народ на Република Македонија, неговата државност се разводнува со сите други, државата го губи титуларот во име и за сметка на македонскиот народ и со тоа Македонија станува територија – сечија и ничија, без титулар и како општествената сопственост ќе стане предмет на бескрупулозно асимилирање и разграбување од екстремните мршојади однатре и од соседството – констатира професорот Ристовски во објава на социјалните мрежи и притоа наведува дека две седмици пред референдумот Владата сѐ уште „тврдоглаво не ги објавува уставните измени“.

Според убеденоста на организаторите во успехот на референдумот, треба да се очекува дека веднаш по неговото одржување ќе почне постапката за усвојување на уставните промени. Агендата на чекорите што ја предвидува премиерот Заев, штом ќе биде завршен референдумот, е по објавувањето на резултатите, собраниски комисии што ќе работат на уставните измени да ги објават уставните амандмани. За нив прво ќе се гласа со двотретинско мнозинство, по што ќе има дебата од 30 дена, по што следува гласање со просто мнозинство, па уште една дебата и завршува со двотретинско гласање.

– Постапката за измени на Уставот на РМ е уставна материја разработена и во Деловникот на Собранието на РМ. Таа има неколку фази: како овластен предлагач може да се јави Владата, најмалку 30 пратеници, претседателот на државата или 150.000 избирачи. Одлука за пристапување кон промена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Притоа за измена на преамбулата и на која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците потребно е двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници плус мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во РМ или познатото Бадинтерово мнозинство. Нацртот за измена на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна расправа. Одлука за измена на Уставот донесува Собранието повторно со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, а измената на Уставот ја прогласува Собранието. Ова е уставната и деловничка постапка за измена на Уставот. Објаснувањето што оди кон предлог-одлуката за започнување на постапката за промена на Уставот, како и потоа при поднесувањето на нацрт-текстот на уставните амандмани што ги подготвува овластениот предлагач. Ако е тоа Владата, овластен предлагач ќе биде Министерството за правда, ако е претседателот на Републиката, неговите служби и слично – ја објаснува деловничкоправната процедура за спроведување на уставните измени, професорката Каракамишева-Јовановска.

Според спогодбата од Мала Преспа, сепак крајниот збор за нејзиното целосно стапување во сила го има парламентот на Р Грција, што остава нов простор за правни недоумици за тоа како би се вратил процесот на уставните измени во Македонија, доколку тие не бидат прифатени од грчките парламентарци.