Унгарските власти го разгледуваат барањето за азил, поднесено од поранешниот премиер Никола Груевски, информираат од прес-службата на кабинетот на премиерот Виктор Орбан.

Со оглед на тоа дека десетина години беше премиер, поради безбедносни причини унгарските власти дозволија Никола Груевски барањето за азил да го достави и биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта. Канцеларијата ќе спроведе постапка за проценка на барањето за азил во согласно унгарското и меѓународното право, се вели во соопштението.

Од кабинетот на Орбан наведуваат дека Македоија е стратешки партнер и важен сојузник на Унгарија. Добрата соработка меѓу двете држави е клучна за развојот на балканскиот регион и за безбедноста на Европа.

– Македонската влада е партнер на Унгарија и не сакаме на никој можен начин да се мешаме во внатрешните работи на суверените држави и постапката за проценка на барањето на поранешниот премиер на Македонија за азил го сметаме чисто за правно прашање – се вели во соопштението.

Согласно унгарските закони, властите на Унгарија не смее да објават дополнителни информации и детали поврзани со постапката за азил, до нејзино целосно спроведување.

Поранешниот премиер и екс-лидер на ВМРО-ДПМНЕ во вторникот на својот фејсбук-профил објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде побарал политички азил поради безбедносни причини.

Груевски е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.