Поранешниот премиер Никола Груевски при премин на српско-унгарската граница поседувал легални патни докумнети, утврди унгарската полиција, која врз основа на тоа ја прекина истрагата за тој случај.

Груевски претходно изјави дека имал легални патни документи, како и дека во Унгарија, каде доби азил, стигнал преку Албанија, преку Црна Гора и Србија.

– За време на истрагата е утврдено дека Груевски поседувал легални патни документи на унгарско-српската граница и на останатите гранични премини, како и дека неговиот влез во Шенген-зоната бил во согласност со законските прописи – се наведува во унгарскиот полициски извештај со кој е затворена истрагата за случајот.

Според извештајот на унгарското полициско Одделение за илегална миграција, во случајот на Груевски не е утврден незаконски премин на границата иако, како што јавуваат унгарските медиуми, не е прецизирано точно со кои документи тој патувал до Унгарија.

Груевски тврди дека ја напуштил земјава поради закани и политички прогон.