Опозицијата во националниот парламент на Унгарија ја доведе во прашање политиката на азил на власта поради аферата со бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој се бара со меѓународна потерница заради издржување двегодишна затворска казна.

– Унгарската влада се откажа од политиката за азил, прифаќајќи бегалец – обвинија од опозициското движење за подобра Унгарија (Јобик), кое е втора политичка сила во парламентот.

Како што пренесоа регионалните медиуми, движењето прашува и каква улога имале унгарските власти во однос на преминувањето на границите, како и кое министерство, кој и по чија наредба постапувал во случајот со Груевски.

Од канцеларијата на премиерот Виктор Орбан, пак, одговориле дека поранешниот македонски премиер Груевски поднел барање за азил, без да наведе во која земја го доставил барањето и дека унгарските власти не биле инволвирани во неговото бегство од Македонија, а барањето било прифатено за разгледување од „безбедносни причини“.

Оттаму побарале од опозицијата да престане со „кампањата на дезинформирање“ во врска со случајот, особено со прашањата зошто Груевски не се наоѓа во транзитната зона.

– Правилата на граничните процедури не мора да бидат применети на лица со посебен третман – објасниле од канцеларијата на Орбан.

Со тоа, според медиумите, било потврдено дека Груевски добил специјален третман затоа што бил премиер десет години.

Коментирајќи ги условите во законот за азил, унгарските медиуми пишувале дека во нив нема ставка според која поранешен премиер може да добие посебен третман, како што е предвидено, на пример, за деца што треба да се спојат со нивните семејства или за бремени жени.

– Правилата во случајот на Груевски може да се применат само доколку тој се смета за „ранлива личност“ со „посебни потреби“ – се вели во објаснувањето.

Пратеници од унгарската Демократската коалиција, пак, меѓу другото прашувале дали е вистина дека Груевски е сместен во некој од имотите на премиерот Орбан, на што од премиерската канцеларија одговориле дека „Груевски легално престојува во Унгарија“.

Од партијата ЛМП иницирале формирање парламентарна комисија за да ја истражи аферата со Груевски поради, како што објасниле, извештајот дека станува збор за случај со сериозни дипломатски и безбедносни ризици по Унгарија, кој значајно влијае врз угледот на земјата. Од партијата поднеле и тужба за илегална миграција и барање до унгарското МНР да бидат објавени сите информации во врска со бегството на Груевски од Македонија во Унгарија. П.Р.