Улогата на Вашингтон, Берлин и на другите

Поранешниот дипломат Ристо Никовски во пообемен текст за „Нова Македонија“ се осврнува потемелно на договорот за надминување на разликата за името со Грција. Неговите ставови за овој договор досега ги изнесувал во повеќе текстови, во телевизиски дебати и во интервјуа, но во текстовите што ги објавуваме во четири продолженија прави детална анализа. Насловите се редакциски

Вашингтон и досега го поддржуваше тоа, а Берлин може да се премисли? Едно е сигурно: зад договорот цврсто стојат Вашингтон, Берлин, Брисел, Париз… кои секако имаат и своја улога во преговорите и во текстот. Нашите капитуланти сега споменуваат дека голем број светски експерти го анализирале договорот. Нормално, тие работеле за страната што ги плаќа. Нема никакви индикатори дека некого ние сме ангажирале, што е сериозна грешка. Тоа е нова потврда дека текстот е американски. Едно е сигурно – тотални аматери преговарале со врвни професионалци и затоа резултатот е катастрофален. Никој не смее да преговара со капитулантски намери. Ако помине кај народот тоа, тогаш навистина не заслужуваме држава.

За секој што го следи случајов со нашето име, неоспорна цел на Грција и на нејзините сојузници е да го затворат „македонското прашање“ и да ги разнебитат Македонците, а не да градат некакво пријателство меѓу двете земји. Во земјава треба да се формира нова, политичка нација, со обезличени Македонци, во која ќе доминираат Албанците. Договорот ги отвора сите врати и коридори за дефинитивно бришење на Македонците како народ. Тоа ќе биде жесток и неповратен процес. Ако ова некој не го разбира, господ нека му помогне. Друго чаре нема. Откако Македонците ќе бидат доволно обезличени, ќе се прошират можностите за поширок пробив на бугарските политики. Во неформалната федерација на земјава, која наскоро ќе следува, а законот за албанскиот јазик најдобро ја дефинира, кај новите северномакедонци организирано, како што веќе и почна, ќе се шири и јакне бугарското влијание. На другата страна, исто така неформално во прво време, ќе функционира единствениот албански простор. Фактички голема Албанија, без така да се вика. Војна нема да има бидејќи тоа би ги донело Русите на Балканот ама нема да има ниту мир, барем за Македонците.
За наша среќа, голем број прашања остануваат без одговор пред дефинитивно да признаеме дека македонскиот народ веќе не постои. Нашата влада капитулираше и срамот веќе го доживеавме ама сѐ уште има шанси државата да се спаси. Тие се следните: а) претседателот нема да го потпише законот со кој се ратификува овој предавнички договор во Собранието и тој останува незавршен; б) нема да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за да се урниса Уставот на земјата; в) референдумот ќе го отфрли договорот. Доколку резултатот, не дај боже, биде во корист на договорот, никој не може да ги присили пратениците на опозицијата да гласаат за промена на Уставот и референдумот практично ништо нема да реши; г) Македонија се обврза комплетно да ги заврши уставните промени до крајот на 2018 година. Што ако тоа не биде постигнато? Ќе се потпишува ли нов анекс? д) договорот може да не помине и во грчкиот парламент…

Настаните мораме да ги гледаме во поширока рамка. Со Букурешкиот мировен договор (1913), Македонија и Македонците беа распарчени и се сметаше дека тоа прашање е затворено. Како феникс од пепелта, меѓутоа, тие се вратија на сцена во Втората светска војна и формираа своја современа држава. Очигледно, таа беше прифатлива само во рамките на Југославија, а кога таа се распадна, како самостојна и независна не им одговараше на главните фактори, пред сѐ на САД, кои токму тогаш станаа главни на Балканот и единствена светска суперсила. Договорот со Грција има цел дефинитивно да го затвори „македонското прашање“. Во целост се враќа важноста на Букурешкиот мировен договор, претходно делумно ревидиран од Србија, и Македонци веќе не смее да има.

Независна Македонија не се признаваше иако имаше најдобри карактеристики. Се оспори и се суспендира нејзиното историско и уставно име, како претекст за бришење на македонскиот народ. Се подготви Привремена спогодба со Грција (1995), во која целосно се девалвира позицијата на земјата во спорот, во споредба со резолуциите на СБ на ООН. Се отвори пат за директни и погубни преговори со Грција, кои, еве, ја запечатија судбината на Македонците. Таа беше наметната од САД, кои ги менаџираа Нимиц и медијацијата. Следува војната во 2001-та, која е целосно контролирана од САД и со тајно учество на НАТО. Војната не ги постигна своите цели ама веројатно така беше и планирано за процесот да се одвива што побезболно и без поголеми ризици. Следува Охридскиот рамковен договор со кој „демократски“ ги снемува Македонците како народ.
Првиот капитулантски договор го потпишавме со Албанците, за целосна уставна деструкција на националниот карактер на македонската држава. Над 60 проценти од македонизмот беше избришан. Почна драматичниот процес на откажување на Македонците од самите себеси. Со новата административна поделба на земјата (2004), реализирана под американски диктат, албанизирани се Струга, Кичево и Скопје, кое стана двојазично, отворајќи го патот и за целата земја.

Вториот капитулантски договор го потпишуваме со Бугарија, откажувајќи се и од нашата историја, а не само од македонскиот јазик и од нашето тамошно малцинство. Прифативме дека корените ни се бугарски што логично значи дека сме „неосвестени Бугари“.
Сега потпишуваме капитулантски договор и со третиот сосед, Грција, со кој прифаќаме прекрстување на државата и дефинитивно бришење на Македонците како народ. Нѐ натераа, ама ние прифативме да капитулираме пред сите соседи што имаат отворени и јасни претензии било кон нашиот народ, јазик или територија. Испадна дека сите тие биле во право, а ние дека сме грешеле.

(продолжува)