Фото: Архива

Мухамед Зеќири, потпретседател на СДСМ

Референдумската кампања завршува денеска. Успеавте ли како партија (СДСМ) да им ги претставите на гласачите аргументите за вашата референдумска опција?

– Апсолутно и кампањата ги даде своите резултати, а тоа ќе се потврди и на денот на гласањето, в недела, на 30 септември. Мислам дека и на тие што беа во некаква недоумица, веќе им стана јасно што значи за граѓаните на Република Македонија успешен референдум и членство во ЕУ и во НАТО.

До самиот крај на кампањата постојат различни толкувања за тоа што значи успешен референдум. Каков е конечниот став на СДСМ за параметрите за успешност на референдумот?
– Ние сме убедени во успешноста на референдумот. Убедени сме дека мнозинството граѓани, односно повеќе од половината од тие што ќе излезат на гласање ќе бидат за европска Македонија и ќе гласаат позитивно во однос на членството на земјата во ЕУ и во НАТО и прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција. Дури и премиерот Зоран Заев изјави дека ако има само еден глас повеќе „против“, ние во Собранието ќе ја поништиме постигнатата спогодба од Преспа. Но убедени сме дека нема да се случи тоа, зашто и од анкетите и од расположението на граѓаните што го видовме во текот на кампањата, увидовме дека тие се за европска Македонија. Македонија нема друга алтернатива.

Разногласието во поглед на успешноста на референдумот потекнува најмногу од толкувањето на Уставот и Законот за референдум, во однос на цензусот на одзивот на граѓаните. Сепак, останувате на ставот дека не е неопходно постигнување на цензусот, за да се добие вистинската слика на расположението на граѓаните во однос на референдумското прашање?
– Уште од почетокот е познато дека референдумот е консултативен и треба да излезат 50 отсто, плус 1 гласач од запишаните во единствениот избирачки список. Меѓутоа во ситуација сме кога од најголемата опозициска партија имаме нејасен став, иако, според постапките, повеќе тераат кон бојкот отколку кон повикување на излезеност и постигнување на цензусот. Сметам дека таквото нивно однесување се должи на сознанието дека нема да успеат и ќе бидат поразени. Односно, и да повикаат да се гласа „против“, мнозинството граѓани сакаат членство во ЕУ и во НАТО. И токму поради тоа, нивниот лидер не може да изгради никаков став. Сепак, гледам дека и во опозициската ВМРО-ДПМНЕ има разумни и одговорни луѓе, кои го препознаваат моментот и повикуваат нивното членство сепак да излезе да гласа, иако не се согласуваат со спогодбата од Преспа. Ако и нивната цел е членството во ЕУ и во НАТО, нека ја кажат нивната алтернатива. Но нема друг начин како да стигнеме до членството во ЕУ и во НАТО, освен со договор со Грција. Ние го направивме тоа што можевме да го направиме на најдобар можен начин. Го постигнавме договорот со Грција, транспарентно, го објаснивме, го објавивме јавно. Од друга страна, опозицијата беше таа што постојано велеше дека граѓаните на крајот ќе го кажат своето на референдум. А сега бегаат од таа одговорност.

Се чини дека кампањата беше насочена повеќе кон моментот на членството во ЕУ и во НАТО, а спогодбата од Мала Преспа и уставните промени што таа треба да ги донесе како да беа ставени во сенка на придобивките што би дошле во одредена временска перспектива со влезот на земјата во евроатлантските структури. Дури и министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека многу лажни информации се ширеле за уставните промени во согласност со спогодбата. Не требаше ли да ставите поголем акцент во кампањата токму на спогодбата и уставните промени?
– Во спогодбата од Мала Преспа нема никакви стапици. Таа е многу јасна! Македонија ги зачувува идентитетот, јазикот, знамето, химната. Сѐ што се подразбира под идентитет нема да се чепка во Уставот. Во однос на името, само се додава географската одредница – Северна. Тоа е компромисот што е направен со спогодбата од Мала Преспа и ние не бегаме од тоа. Не криевме и не криеме дека ќе се менува Уставот. Уставните промени сепак ќе се носат во Собранието и за тоа претстои дебата во четиримесечен период, во процедури што се предвидени и пропишани. По референдумот, во Собранието прво ќе треба да се гласа потребата за уставните промени, потоа ќе се продолжи со амандманска, па со јавна расправа и на крајот ќе се гласа за уставните амандмани, каде што треба да се интервенира, во согласност со спогодбата од Мала Преспа. Секако, јавноста ќе има можност да биде запознаена во детали со содржината на уставните промени во целост. Во однос на спогодбата, клучниот момент е дека македонскиот идентитет е зачуван, а македонскиот јазик ќе биде признаен во целиот свет.

Значи спогодбата од Мала Преспа на крајот, односно по референдумот, сепак оди на расправа и гласање во Собранието. И, на крајот, уставните промени треба да бидат усвоени со двотретинско парламентарно мнозинство. Колку сте подготвени како владејачка коалиција за предизвикот на постигнување на тоа мнозинство од 80 пратеници што ќе гласаат за уставните промени?
– Јавноста треба да знае дека и ако референдумот беше задолжителен (сега е консултативен), немаше да значи ништо ако не се заврши работата во Собранието. На крајот, пратениците се тие што треба да гласаат за уставните промени. За да се изгласаат уставните промени во согласност со спогодбата, потребни се 80 гласа. Моменталното мнозинство во парламентот има 71 глас. Но тоа не значи дека и дел од пратениците на опозицијата нема да гласаат за уставните промени. Веќе реков дека има разумни луѓе и во опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ мислам дека има 48 пратеници во Собранието, а некои од нив веќе се изјаснија јавно дека нема да гласаат за уставните промени, но има и дел што не се изјаснил. Тоа значи дека сепак има простор за преиспитување на ставовите. Сепак, ние сме убедени дека ќе го добиеме мнозинството за изгласување на уставните промени. Затоа што Македонија нема да добие повеќе ваква шанса.

Сепак, доколку опозицијата остане конзистентна во поглед на неизгласување на уставните промени, се размислува ли на опцијата вонредни избори за создавање ново мнозинство? И дали со евентуалните избори би се запазиле роковите што си ги зададовте за имплементација на спогодбата од Мала Преспа?
– Зборуваме хипотетички, но ако не се постигне мнозинството за усвојување на уставните промени, сите опции се отворени. Дали имаме време? Нас времето нѐ гази. Тоа е најлошото сценарио за Македонија и македонскиот народ, доколку губиме време и некој треба да нѐ чека. Треба да го искористиме моментот и сега да ја завршиме работата. Сѐ што ќе биде понатаму, ќе биде уште понеизвесно. Навистина, предвремените избори никогаш не се исклучени, но и на тие избори опозицијата ќе бега од соочување со граѓаните. Знаеме дека ќе бидат тешко поразени. Но ќе го изгубиме времето и ќе изгубат граѓаните на Република Македонија.