Сопственикот на 1ТВ Бојан Јовановски, познат како Боки 13, вчера беше уапсен на еден од граничните премини во земјата, а информацијата беше објавена речиси во исто време се објавата дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поднела неотповиклива оставка, која, како што се истакна, ќе важи откако партиите ќе договорат ново решение за СЈО и ќе изберат евентуален наследник на функцијата за што, меѓу другото, премиерот Зоран Заев вчера за в петок закажа лидерска средба на која покани претставници на сите парламентарни партии.

Јанева се повлекува од челното место во специјалното јавно обвинителство, по неполни четири години на функцијата, со образложение дека не сака да дозволи нејзиното име да биде користено за меѓупартиски пресметки.
– Денеска ја користам пригодата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на специјалното јавно обвинителство и европските интеграции на мојата земја. Ја депонирам мојата оставка, која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник – пишува Јанева во оставката.

Инаку, заедно со Јовановски, вчера беше уапсен и бизнисменот Зоран Милевски-Кичеец. Јавното обвинителство требаше да ги соопшти деталите за случајот на прес-конференцијата закажана за вчера попладне. Пред медиумите требаше да се обратат јавниот обвинител Љубомир Јовески и Вилма Русковска, основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. П.Р.