Ова е добра недела за вашата земја и за Западен Балкан, министрите за надворешни работи на ЕУ го отворија патот за почнување преговори за членство за Македонија и за Албанија во јуни 2019 година и за неколку часа очекувам шефовите на влади да ја потврдат одлуката, порача претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, од вчерашната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Туск рече дека напредокот немало да биде успешен без силниот ангажман на македонската влада, посочувајќи го постигнатиот договор за добрососедство со Бугарија и договорот со Грција за решавање на спорот за името, кои, како што кажа, претставуваат пример за другите во регионот како да се решаваат проблемите.
– За време на мојата посета на Скопје ја видов јасно изразената политичка волја да одите напред во евроатлантските интеграции, и оти ќе останете на тој пат да одржите чекор во реформите во клучните области – рече Туск.
Тој им се заблагодари на македонските власти за напорите во миграциската криза во 2015 година.

Премиерот Заев, пак, истакна дека вчера во Брисел, во срцето на Европа, е потврдена големата вест Република Македонија да добие датум за преговори во јуни 2019.
– Нашата земја го заслужи тоа. Лидерите на ЕУ рекоа да, земјата го заслужува тоа. ЕУ прифати дека Македонија од заробена држава за само една година направи пресврт. За само една година Република Македонија е земја на позитивни промени, на инклузивност, политички дијалог, со политичка волја за решавање на проблемите со соседите – изјави премиерот Заев.