Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, од вторникот неделава ја почна својата турнеја низ Западен Балкан, како подготовка на самитот што ќе се одржи на 17 мај во Софија

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, в петок пристигнува во Македонија. Тој ќе присуствува на самитот Брдо-Бриони чиј домаќин ќе биде претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Целта на процесот Брдо-Бриони е да ги собере лидерите на Западен Балкан, како и оние на Словенија и на Хрватска, за да се зацврсти политичкиот дијалог и да се зголеми нивото на доверба за решавање на билатералните и на регионалните спорови.
Во меѓувреме, според инфорамциите добиени од Европскиот совет, посетата на Туск, која ќе трае до 27 април, е за подготовка на самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 17 мај во Софија.

– Пораката до нашите пријатели е јасна: Европската Унија е и понатаму ќе биде најсигурен партнер за целиот регион, како и најголем инвеститор, најголем донатор, најголем трговски пазар и најдобро ветување за подобра иднина на граѓаните. Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија треба да ја потврди европската перспектива на регионот и што е уште поважно конкретно да ги подобри врските со регионот и во самиот регион – изјави Туск за медиумите пред почетокот на турнејата.

Инаку, претседателот на Европскиот совет посетата на Западен Балкан ја почнува со средба со албанскиот премиер Еди Рама, а подоцна во текот на денот ќе се сретне со црногорскиот премиер Душко Маровиќ. За утре е предвидена средба во Белград со српскиот претседател Александар Вучиќ. Туск в четврток ќе ги посети Приштина и Сараево, при што ќе се сретне со косовскиот претседател Хашим Тачи, а потоа ќе отпатува за Босна и Херцеговина, каде што е предвидена средба со членовите на Претседателството, Драган Човиќ, Младен Иваниќ и Бекир Изетбеговиќ.

Последниот ден од посетата на земјите од Западен Балкан, Туск ќе престојува во Скопје, при што е планирана средба и со македонскиот премиер Зоран Заев.
– Сите состаноци ќе бидат важна можност за подготовка на претстојниот самит на шефови или влади на ЕУ и лидерите на Западен Балкан во Софија на 17 мај. Тоа, исто така, ќе биде можност да се разговара за билатералните односи со ЕУ – се посочува во соопштението на Европскиот совет.


Македонија сѐ почесто домаќин на високи претставници на ЕУ и на НАТО

Изминатиов период Македонија стана честа дестинација на високи претставници на Европската Унија и на НАТО. Од почетокот на 2018 година земјата, но и регионот ги посетија претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, шефицата на ЕУ-дипломатијата Федерика Могерини, генералниот заменик-директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија Мачеј Поповски, и како последен од овој список, сега доаѓа претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Македонија беше и земјата-домаќин и на високите претставници на Северноатлантската алијанса. Најбитната беше посетата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, во јануари, а веднаш по него во Скопје пристигна и помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички прашања Алехандро Алваргонзалес.