Оригинална мапа за безбедни маршрути за мигрантите кон Европа, објавена на арапски јазик на Турската државна телевизија (ТРТ)

Ако се земе предвид Договорот за стратегиска соработка што Македонија го има потпишано со Турција уште во 2008 година, како и одличните односи меѓу двете земји низ годините, тогаш не треба да изненадува тоа што Турција не сака Македонија да биде колатерална штета на бегалската криза и наоѓа начини да нѐ заштити од бранот мигранти и бегалци што се упатуваат кон Европа

Турската државна телевизија објави мапа со инструкции како бегалците да ја заобиколат нашата држава

Последниве денови ескалира мигрантската криза на турско-грчката граница поради што во Македонија повторно се јавија стравувањата дека земјава можеби повторно ќе се најде на удар на бегалскиот бран. Затворањето на границите од страна на соседите дополнително ги зголеми стравувањата за можноста некои од мигрантите да се стационираат во нашата земја, што би предизвикало катастрофални последици врз Македонија во секој поглед.

Турција им сугерира на мигрантите рута без Македонија

Мапата што се појави деновиве на турските медиуми, преку која на мигрантите им се сугерираат можните маршрути за влез во ЕУ, покажува дека Турција на некој начин се обидува да ја заштити Македонија од негативните последици од бегалскиот бран.
Ако се земе предвид Договорот за стратегиска соработка што земјава го има потпишано со Турција уште во 2008 година, како и добрите односи меѓу двете земји низ годините, тогаш не треба да изненадува тоа што Турција не сака Македонија да биде колатерална штета на Европа и затоа на некој начин ја заштитува препорачувајќи им на мигрантите други патишта.
Блиските односи меѓу двете земји датираат уште кога Турција меѓу првите ја призна независноста на Македонија под нејзиното уставно име, а при приемот на земјава во „Партнерството за мир“, што беше еден вид подготовка за полноправно членство во НАТО, на секој документ со фуснота беше истакнато дека Турција ја признава земјава како Република Македонија.
Покрај тоа, Турција на АРМ изминативе години ѝ донираше воена опрема во вредност од неколку десетици милиони долари, а македонски старешини и војници со години се обучуваат во оваа земја.
Освен воената соработка, повеќе турски компании се присутни во земјава, а турски граѓани студираат на македонските универзитети.
Токму блиската соработка меѓу двете земји во сите сфери, е можниот повод за турските препораки до мигрантите да ја избегнуваат Македонија на патот кон Европа, заштитувајќи ја од можна ескалација на мигрантската криза.

Инструкците на мапата напишани на разбирлив јазик за бегалците

Мапата, со упатства на арапски јазик, ја објави државната турска телевизија ТРТ.
Според оваа мапа, мигрантите и бегалците се насочени на пет правци низ Турција до пет влезни точки во Грција: четири на нејзините острови и едно на копнената граница, преку реката Марица.
Откако ќе пристигнат во Грција, мигрантите и бегалците, според турскиот совет, би требало да прејдат во Италија на пат кон Франција, која е прикажана како главно одредиште.
Вториот правец од Турција, кој ТРТ им го препорачува на мигрантите, оди на северозапад, заобиколувајќи ги сите земји од поранешна Југославија, и се движи преку Бугарија, Романија, Унгарија, Австрија, каде што патот се разгранува во два правца, кон Германија и кон Франција.
Европската комисија очигледно има поинакво гледање на работите, па во средата усвои Акциски план од шест точки што предвидува моментални мерки за поддршка на Грција.
Покрај јакнењето на соработката со земјите од Западен Балкан, предвидените мерки се однесуваат на новите ресурси на ФРОНТЕКС, па, така, покрај 530-те граничари на ФРОНТЕКС ќе бидат распоредени уште 100 службеници, како и еден брод, шест патролни чамци, два хеликоптера, еден носач на авиони и три возила оспособени за термовизуелна детекција. Предвидена е и помош од 350 милиони евра, кои ќе бидат веднаш ставени на располагање.

Сепак да бидеме подготвени за бегалска криза

Некои од аналитичарите сметаат дека земјава не смее да се потпира на некакви мапи и дека мора да биде подготвена за евентуален мигрантски бран.
– Најавите на разни мапи, дека Македонија ќе биде евентуално заобиколена од налетот на мигранти, треба да се земат со голема резерва. Најавите од Турција се дека ќе тргне милионска маса, која никој нема да може да ја контролира. Исто така, и бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека Бугарија ќе биде заобиколена – вели Ристо Никовски, поранешен амбасадор.
Според него, земјава сепак треба да се подготвува за мигрантски бран.
– Македонија мора да биде целосно подготвена за налетот на мигранти и, доколку навистина тргне толкава маса, одбрана нема да има. Македонија мора да инсистира на отворање на трасата како што беше во 2015 година, бидејќи, во спротивно, ние ќе бидеме жртва – нагласува Никовски.
Тој додава дека дополнителен проблем е што трасата по која би се движеле мигрантите низ Македонија е најкратка во однос на другите земји.
– Албанија за да покаже добра волја веќе најави изградба на кампови за 20 до 30 илјади мигранти. Нашата ситуација може да биде многу полоша бидејќи трасата преку Македонија е најкратка – констатира Никовски.

Има ли опасност да се повтори кризата од 2015 година
Фото: Игор Бансколиев