Канадскиот премиер Џастин Трудо во видео разговор со премиерот Оливер Спасовски изразил задоволство од цврстата билатерална и значајна соработка и рекол дека неговата земја се гордее за поддршката што Канада ја изразувала за интегрцијата на Македонија во НАТО, и што во иднина двете земји ќе соработуваат поблиску како сојузници, соопштија од Владата.

Канада, истакнал Трудо, продолжува да ги поддржува напорите и аспирации на нашата земја за членство во ЕУ, и упатил честитки што Владата во изминатите три години успеала да постигне значајни резултати и да надмине големи предизвици за да ги реализира Евро-Атланските аспирации на државата и на сите нејзини граѓани.

– Претседателот на Владата на Северна Македонија ја истакна одличната и континуирана соработка и партнерство со Канада, и потенцираше дека со нашето членство и сојузништво во НАТО се отвораат дополнителни можностите за соработка за што постои интерес од двете страни – соопштија од Владата.

Спасовски и Трудо, преку видео конференциска врска, се согласиле дека Ковид-19 е глобален предизвик и дека е потребен глобален одговор до кој треба да се стигне низ поблиска соработка преку мултилатералните институции.

Премиерот Спасовски во разговорот се заблагодарил за активната улога што Канада ја игра на глобално ниво во справување со ковид-19, како и за помошта што Канада ја даде на Република Северна Македонија за надминување со последиците од коронавирусот.