Трошењата на новиот претседател ќе бидат на увид на јавноста преку алатката за отчетност, изјави министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

-Тоа значи дека онаа алатка за транспарентност што премиерот, министрите во Владата, заменик-министрите и директорите на јавни претпријатија веќе во неколку извештајни периоди ја користат и ја презентираат пред граѓаните, ќе биде на своевиден начин приспособена во согласност со начинот на кој функционира кабинетот на претседателот и тие трошења ќе ѝ бидат на увид на јавноста. Ова е огромна разлика во споредба со претходниот претседател Иванов, кој воопшто немаше намера да ги презентира трошоците и начинот на работење пред граѓаните. Беше целосно нетранспарентен- рече Поповски.