Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во студијата што се фокусира и на младите високообразовани кадри се наведува дека од земјите во регионот единствено во Македонија, Србија и во Црна Гора е забележана појава на доселување, односно прилив на мозоци. Според аналитичарите, ова се објаснува со тоа што многу млади луѓе што одат да студираат надвор, сега се враќаат назад. Особено важно за Македонија како општество е да се искористи овој прилив на мозоци, односно да се најдат начини овие млади луѓе што се вратиле во Македонија да дадат придонес за развојот на општеството

ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ВИЕНСКИОТ ЕКОНОМСКИ ИНСТИТУТ ОТКРИВА ИНТЕРЕСЕН ФЕНОМЕН

Дали по некогашниот тренд на иселување високообразовани кадри, или популарно наречениот одлив на мозоци, сега се случува обратен процес, односно враќање на ваквите кадри во државата? Оваа дилема се појави откако реномираниот Виенски меѓународен институт за економија објави анализа во која посочува дека од земјите на Западен Балкан, кај Македонија, Србија и Црна Гора е забележан тренд на високообразовани кадри што се враќаат во матичните држави, што не е случај со другите држави од регионот.
Овој интересен податок го отвора прашањето за каков тип високообразовани кадри станува збор, зошто се случува ова, на што се темели оваа анализа, бидејќи во јавноста и понатаму има перцепција дека од Македонија масовно заминуваат, особено млади луѓе.
Анализата предизвика интерес и кај експертската и кај научната јавност, посочувајќи дека ова можеби се темели на исклучоци, а не на некаква практика. Во истражувањето се вели дека миграцијата од Западен Балкан не е нова, и од политички и од економски причини, зашто регионот одамна е нето-извозник на луѓе, особено кога станува збор за младите, особено што токму тие во регионот се соочуваат со некои од највисоките стапки на невработеност кај младите во светот.

Нема статистика за одлив и прилив на мозоци во земјава

Инаку, одливот на мозоци, особено на млади високообразовани кадри од Македонија е тема што повеќе од 20 години е актуелна, но за која државата не успева да изработи јасна стратегија со која ќе биде намален овој процес. Паралелно нема ниту единствена прецизна анализа колку вакви кадри ја напуштиле државата во последните три децении, ниту пак има прецизен статистички податок за нивниот профил. Истовремено, нема ниту податоци колку од тие кадри повторно се вратиле во земјава и продолжиле тука да ја развиваат својата кариера.
Во јавноста циркулирале разни анализи, меѓу кои пред неколку години беше и онаа на Светската банка, според која за 15 години од Македонија се иселиле над 500 илјади лица претежно млади и високообразовани кадри. Други анализи, пак, велеа дека оваа бројка е многу помала, а официјалната статистика исто така покажува многу помали бројки.

Млади што студираат во странство се враќаат дома?

Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, вели дека едно неодамнешно истражување на нашиот институт, кое го правеше колешката Сандра Лајтнер, ги истражувало миграциите од земјите од Западен Балкан, во периодот 2010-2019.
– Главните наоди се дека сите земји имаат нето-емиграција (т.е. повеќе луѓе се иселуваат отколку што се доселуваат), дека најмногу заминуваат младите и дека повеќе заминуваат луѓето со ниско и средно образование – вели Јовановиќ.
Според него, кај високообразованите лица студијата наоѓа нето-иселување во Албанија, Косово и во Босна, а нето-имиграција, односно доселување, во Македонија, Србија и во Црна Гора.
– Ова е многу интересен наод, кој во случајот на Македонија се објаснува со тоа што многу млади луѓе што одат да студираат надвор, потоа се враќаат назад. Ваквиот прилив на мозоци значи дека на миграциите не треба да се гледа само негативно, односно како на нешто што им прави штета на државите како нашата, туку треба да се прифати дека тие имаат и позитивни ефекти. Особено важно за Македонија како општество, а првенствено за политичарите е да се искористи овој прилив на мозоци, односно да се најдат начини овие млади луѓе, кои се образовале во странство и потоа се вратиле во Македонија, да дадат придонес за развојот на општеството – посочува економистот Јовановиќ.
Благица Петрески од институтот за економски политики и истражување „Фајненс тинк“ вели дека засега во земјава нема прецизна анализа и податоци што може да посочат колкав е бројот на одливот на висококвалификувани кадри надвор од Македонија, но и колку од тие се вратиле во неа.
– Не знаеме ниту кои се тие кадри, кои се нивните професии. Затоа не можеме да дадеме прецизна анализа за состојбата. Она што можам да го кажам е дека можеби поради пандемијата многу од тие што се образовале надвор или работеле надвор од земјава, се вратиле тука, зашто привремено им е оневозможено да патуваат и да престојуваат во странските земји – посочува таа.

Србија привлекува интелигенција

Според студијата на Виенскиот институт, во регионот, нето-емиграцијата се случува главно во ниско-средно образованите групи, а Албанија е единствената каде што нето-емиграцијата е најголема кај добро образованите.
Одливот на мозоци, емиграцијата на висококвалификувани и образовани работници е голема во три од шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. Тоа особено е изразено во Албанија, каде што 40 отсто од кумулативниот одлив во анализираниот период (2012-2019) беа високообразовани луѓе. Уште повеќе, во Албанија и во Косово одливот на мозоци се случува првенствено со луѓе до средина на дваесеттите години, што укажува на тоа дека многумина заминуваат веднаш штом ќе завршат со високото образование.
– Другите три земји од Западен Балкан, како Србија, Црна Гора и Македонија, всушност забележаа „добивка на мозок“ во набљудуваниот период. Оваа нето-имиграција е исто така најизразена кај луѓето во дваесеттите години. Во сите три земји, емиграцијата на оние со средно образование е најголема кај најмладата група – се вели во студијата.
Затоа, авторите на студијата заклучуваат дека таканаречениот прилив на мозоци е резултат на враќање на луѓето во своите матични земји по завршувањето на високото образование во странство.
Во случајот на Србија, враќањето на кадрите е исто така резултат на зголемениот број студенти од околните земји што доаѓаат да посетуваат универзитет во земјата. Во последниве години, Србија стана регионален центар што привлекува странски студенти. Според податоците од студијата, во периодот од 2015 до 2019 година, во Србија се преселиле 90.000 висококвалификувани лица, како и 30.000 работници со ниски квалификации.

Добро платените млади остануваат дома

Според анализата на Виенскиот институт, високите стапки на миграција се кај оние што не им припаѓаат на највисококвалификуваните групи, што може да укажува на фактот дека луѓето се иселуваат само за да можат да преживеат, зашто минималните плати на Западен Балкан остануваат меѓу најниските во цела Европа.
Но студијата покажува дека можеби во некои земји има и кружна миграција.
Затоа, земјите мора да работат на намалување на невработеноста кај младите и да создадат квалитетни и доста платени работни места за младите, од кои многумина се занимаваат со привремена работа, честопати во неформалната економија.
Препораките се дека оние земји што се соочуваат со одлив на мозоци треба да се осигурат дека нема прекумерна понуда на дипломирани студенти во некои области и да се справат со несовпаѓањето помеѓу стекнатите вештини на универзитетите и вештините што им се потребни на пазарот на трудот.
Оние земји, пак, со прилив на мозоци треба да бидат сигурни со политики што гарантираат увезено знаење и знаење како навистина им користат на локалните економии.

[email protected]