Фрагмент од сликата ,,Февруарскиот поход на македонскиот народ" од Александр Маротович Самсонов

Впрочем, 11 Oктомври како Ден на востанието на Македонија има колосално значење во вековниот мозаик на исконскиот стремеж на нашиот народ за зачувувањето на македонските битија и особености – јазик, обичаи, култура, историја… Тој се прославува како триумф на македонската непоколеблива упорност за сопствена држава, за праведност и човечки правдини, за идентитет и посебност и истовремено заемно почитување со соседите и соживот со сограѓаните. Затоа, 11 Октомври не е празник на одредена група луѓе, каста или политички субјект, како што некои во минатото повикуваа. Тој е и останува државен празник на сите што се бореа за слободна Македонија, заедничка држава на македонскиот народ, и на сите оние малцинства што Македонија ја сметале за свој дом, татковина, родина и се бореле и сѐ уште се борат за неа

Единаесетти октомври, еден од најсветлите датуми на нашата национална историја

Македонската држава го празнува 11 Oктомври како почеток на востанието на македонскиот народ против поделбата на Македонија и фашизмот, како важен крстопат за самобитноста на Македонците и нивниот стремеж за создавање сопствена држава. Во текот на Втората светска војна, македонскиот народ, предводен од македонските партизани, поведе оружена борба против германските, бугарските и италијанските окупатори, кои ја поделија Македонија, и со својот жесток отпор даде придонес во победата над нацистичка Германија и нејзините фашистички сојузници.
Всушност, 11 Oктомври водеше кон Првото заседание на АСНОМ, кое симболично се одржа на 2 август 1944 година, со што вистински се акцентираше континуитетот на македонската борба за сопствена држава и формалноправно дојде до државно конституирање на Македонците.
Македонската држава не е случаен продукт или нуспојава на историските процеси, ниту пак Македонците се вештачка творба, како што некои милуваат да велат. Во суштина, Македонија како самостојна држава беше исход на вековната борба на неколку македонски генерации, кои ги дадоа своите животи за слободата и правото за искажување на сопствените национални обележја и особености. Затоа, 11 Oктомври има уште поголемо значење, бидејќи водеше кон кодификација на македонската нација, која со векови беше оспорувана и сѐ уште е оспорувана.
Од денешен аспект, кога официјална Софија бара од Македонците да ги прифатат бугарските квазивидувања за улогата на бугарската држава во македонските учебници, споменици и музеи, кога од Македонците се бараат правнообврзувачки документи, се бара признавање на бугарската историска „вистина“ и раскинувањето со македонштината, тогаш 11 Oктомври има уште поголемо значење и важност.
Денес, како и во минатото, бугарската политичко-општествена елита бара од Македонците да се откажат од своите национални особености и да признаат дека се вештачка нација создадена од Коминтерната и Тито. Но историската реалност е многу поинаква.

Борбата на Македонците во текот на Втората светска војна не беше водена против некој измислен непријател, борбата се водеше против царска Бугарија, која беше еден од главните сојузници на нацистичка Германија на Балканскиот Полуостров. По окупирањето на Македонија, бугарската држава ја обнови својата вековна асимилаторска политика кон Македонците, стремејќи се кон искоренување на сите македонски национални особености. Следствено, 11 Oктомври не треба да се разбира само како борба против фашизмот, туку и како борба против асимилаторските стремежи на царска Бугарија.
Впрочем, 11 Oктомври како Ден на востанието на Македонија има колосално значење во вековниот мозаик на исконскиот стремеж на нашиот народ за зачувувањето на македонските битија и особености – јазик, обичаи, култура, историја… Тој се прославува како триумф на македонската непоколеблива упорност за сопствена држава, за праведност и човечки правдини, за идентитет и посебност и истовремено заемно почитување со соседите и соживот со сограѓаните. Затоа, 11 Октомври не е празник на одредена група луѓе, каста или политички субјект, како што некои во минатото повикуваа. Тој е и останува државен празник на сите што се бореа за слободна Македонија, заедничка држава на македонскиот народ, и на сите оние малцинства што Македонија ја сметале за свој дом, татковина, родина и се бореле и сѐ уште се борат за неа.

Следствено, сите барања за промена на улогата на бугарската држава во македонската историја се беспредметни, затоа што Македонија како држава беше изградена во вековната борба против балканските национализми и шовинизми, вклучувајќи го и бугарскиот, кои постојано ги негираат Македонците и се обидуваат да ги асимилираат и да ги денационализираат. Но тоа нема дури и на сон да им помине.
Единаесетти октомври го славиме и чествуваме секоја година. И со секоја година, нови и нови рожби, нови генерации доаѓаат на овој свет како Македонки и Македонци. Генерации што нема да се откажат од себеси, од своите семејства, ниту од своите корени и гробовите на предците ниту од восклиците или молитвите искажани на македонски јазик!
Единаесеттооктомвриското македонско сонце сѐ уште и денес се пробива низ мрачните облаци, но сепак го осветлува македонското име, кое нема да загине!