Фото: Игор Бансколиев

Ненадејната оставка на австрискиот канцелар Себастијан Курц, изненадувачкиот изборен пораз на чешкиот премиер Андреј Бабиш и масовните антивладини протести во Варшава ќе се одразат врз односите во ЕУ, а со тоа се отвора и прашањето како ќе влијаат врз изгледите за евроинтеграцијата на Западен Балкан. Но, ајде, гледано од посветлата страна, можеби токму потресите во Централна Европа ќе го разбрануваат и процесот на проширување на Унијата, кој веќе подолго време е заглавен во место?!

Внатрешнополитичките потреси низ ЕУ, евроинтеграциите и Македонија

Популистите ја губат поддршката низ Европа и нивниот политички круг се стеснува, наспроти претходните предвидувања дека би можеле да ги загрозат вредностите на Европската Унија, откако зедоа замав по мигрантската криза во 2015 година и економските проблеми со кои се соочи Стариот Континент. Се сметаше и дека пандемијата ги зацврсти нивните позиции, но низата политички потреси што ја зафатија Централна Европа покажуваат дека тие се во незавидна ситуација. Нивните тешкотии се забележуваат во ненадејната оставка на австрискиот канцелар Себастијан Курц, изненадувачкиот изборен пораз на чешкиот премиер Андреј Бабиш и масовните антивладини протести во Варшава по судската одлука што ја доведе во прашање посветеноста на Полска кон ЕУ. Згора, унгарската опозиција се здружи во изборот на предизвикувач што ќе му се спротивстави на Виктор Орбан на изборите в година, додека анкетите покажуваат оти партијата на унгарскиот премиер Фидеш ја губи поддршката. Овие потреси во извесна мера би можело да бидат почувствувани и во Македонија, бидејќи ќе се одразат врз односите во ЕУ, а со тоа се отвора и прашањето како ќе влијаат врз проширувањето на Унијата кон Западен Балкан.

– Унијата во суштина се бори како да фати приклучок во новиот геополитички свет, кој го диктираат Кина и САД, бидејќи постои силна резигнација по многу клучни прашања, што во поголема мера ќе се одрази врз стабилноста на ЕУ отколку на пример одлуките на Полска и Унгарија за реформи во судството, за фондот за закрепнување од пандемијата, или пак проблемите со носењето на реформскиот буџет на ЕУ и ветата од неколку држави. Овие несогласувања само додаваат пукнатини во сѐ поголемиот расцеп во Унијата по клучни прашања, кои реално би ја легитимирале или би ја делегитимирале како можен иден геополитички играч. На пример, ЕУ нема стратегиски унифициран одговор кон прашањата за миграцијата, радикалните популисти, заедничката војска, вакцинацијата, проширувањето кон Западен Балкан… Политичките односи внатре во ЕУ, кои се доста несихронизирани во овој период, веќе влијаат врз процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, а контекстот го влечеме од последниот самит во Брдо. Ако подобро ја анализирате изјавата на Жозеп Борел дека Унијата нема заедничка стратегиска култура и дејствување, дека ѝ недостига капацитет да се наметне како глобален фактор, како и дека проширувањето кон Западен Балкан е од витално стратегиско значење, тогаш заклучокот е дека не само Бугарија туку и други членки не ја препознаваат опасноста ако овој регион, полн со минати конфликти, може да биде плен на сѐ поголемите апетити и од популистите и од глобалните и регионални играчи. Тогаш ЕУ ќе ја направи најстратегиската грешка во поново време ако не најде механизми да воспостави доминација и платформа во овој регион, дури на почетокот да е преку економски, финансиски и инфраструктурни пакети – смета воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски.

Меѓу оние што се најдоа во неизвесна политичка положба или се соочуваат со борба за задржување на власта се Курц и Орбан, кои важат за силни поддржувачи на приемот на земјите од Западен Балкан во ЕУ, па постои можност регионов да остане без дел од најверните сојузници во напорите за придружување кон европскиот блок.
– Влијанието врз поддршката кон Македонија мора да биде резултат на реформи, силна посветеност, а потоа и на лобирање. Личностите доаѓаат и заминуваат во принцип, иако добродојдени се сите политички фигури во ЕУ, особено од калибарот на Себастијан Курц, кои имаат влијание да ни дадат ветер во грбот, но тоа е само мотив. Нам ни требаат работа, реформи, посветеност и компромис, без разлика која политичка идеологија ќе доминира во моментот во ЕУ и кој од пријателите ќе биде на функција – нагласува Стефаноски.
Македонија во ваквата ситуација го губи трпението за ветувањата на ЕУ, со што би морало да дојде до пресвртница во односите, според дипломатот од кариера и поранешен македонски амбасадор Љупчо Арсовски.
– ЕУ премногу влезе во тешки клишеа што не пијат вода. Не може 30 години да го ветувате истото нешто и да поздравувате. Помина голем период и веќе сѐ е прочитано, не може да се лаже народот. Мора да дојде до пресвртница, бидејќи и во Македонија има пад на поддршката за ЕУ – категоричен е Арсовски.
Ударот со кој се соочуваат популистите во одредени кругови се толкува и како своевидно враќање на демократијата и знак дека песимистичките предвидувања за иднината на ЕУ нема да се исполнат. Но можеби токму потресите во Централна Европа ќе го разбрануваат и процесот на проширување на Унијата, кој веќе подолго време стои заглавен во место, бидејќи тие укажуваат на потребата за евроинтеграција.

[email protected]