Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија на 8 септември одбележува значаен јубилеј, 30 години независност. Можеше ли да биде поинаку и подобро, кои се најголемите грешки, а кои се најисправните чекори во овие 30 години? Како ветераните од тоа време, но и помладите политичари денес гледаат и на овие три децении и на иднината што е пред нас?

ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НИЗ ДИОПТРИЈАТА НА ВЕТЕРАНИТЕ И НА ПОМЛАДИТЕ ПОЛИТИЧАРИ

Три децении независност, три децении реалност на историскиот сон за самостојна држава на македонскиот народ. Ова е веројатно најзначајната придобивка од историскиот 8 септември 1991 година, ден што во македонската историја претставува ден на заокружување на долгата борба низ историјата за национална самобитност и државна независност.
На референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно се изјаснија 95,09 отсто од излезените граѓани, или 72,16 отсто од вкупниот број граѓани со право на глас, за суверена и самостојна македонска држава под името Република Македонија.
По затворањето на избирачките места, граѓаните спонтано се собраа на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје. Идниот прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, се обрати кон македонскиот народ со историскиот говор.
– Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија – посочил Глигоров.

Неколку дена потоа на 17 септември 1991 година, Собранието на Република Македонија носи Декларација за потврдување на референдумските резултати за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна држава. Во декларацијата е истакнато дека граѓаните на Република Македонија, на демократски начин испишаа нова страница во македонската многувековна историја за заокружување на самостојноста и сувереноста на Република Македонија како држава.
Народот преку референдум го трасираше патот по кој тргна државата. Но како од денешна перспектива се гледа на развојот на државата, како се оценуваат политиките на внатрешен и на надворешен план преземани во овие години.
Успеа ли Македонија во изминатите 30 години да изгради стабилни институции, можеше ли да биде поинаку и подобро, кои се најголемите грешки, кои се најисправните чекори. Како ветераните од тоа време, но и помладите политичари денес гледаат на овие три децении?


СТОЈАН АНДОВ
Доцниме во сите работи

Стојан Андов, прв претседател на повеќепартиското Собрание на Македонија, вели дека состојбите од тоа време се познати и дека сѐ што се случувало со оглед на функцијата што ја имал поминувало низ негови раце.
– Сега Македонија е во ситуација во која и се очекуваше да биде, односно да доцниме во сите работи. Се очекуваше земјата да помине низ многу тешкотии.
Југоистокот на Балканот има многу историски тешки настани и во односите со Грците и со Бугарите. Сепак, клучен момент и пресврт е кога се направија Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Со тоа периодот на опасности и закани за Македонија веќе престана. Сега треба само умна политика и да се истера работата докрај, што не се сомневам дека и ќе се случи – посочува Андов.
Според него, изминатите 30 години не се згрешило никаде, зашто сето тоа што се случувало било производ на претходна историска низа низ која минале Македонија и македонскиот народ.
– Имаше политички гарнитури што не гледаа реално на овие состојби и се забави работата – заклучува тој.

ДЕНКО МАЛЕСКИ
Можевме да излеземе и со подобар договор со Грција од сегашниот

Професорот Денко Малески, кој беше и прв министер за надворешни работи на самостојна Република Македонија, вели дека времето во кое се родила новата македонска држава, а тоа е почетокот на 1990-тите години, го карактеризирале неколку драматични ситуации,
– Заврши Студената војна, руската моќ се повлече назад во своите национални граници, а цела Источна Европа се определи за демократија. Југословенската федерација беше зафатена од болеста наречена екстремен национализам, кој ја турна земјата во крвава меѓуетничка војна. Третата работа е што во тие услови Македонија тргна по своето меѓународно признавање. Беше раководена од политиката на мирољубиво самоопределување и свеста кај раководството на земјата, особено кај претседателот Глигоров дека сложените меѓуетнички прашања мораат да се решат на преговарачка маса, а не преку војна – објаснува Малески.
Според него, тоа бил македонскиот пат, кој, како што вели, ние го избравме.
– Свесно избравме политика на мирољубиво самоопределување, кое нѐ доведе до членство во Обединетите нации и нѐ направи субјект на меѓународната сцена. Историските книги пишуваат дека тоа е брилијантен успех на малата Македонија, а некои велат дека сме имале среќа да не бидеме зафатени од војната. Но како сведок и учесник во тие настани, можам да кажам дека тоа беше свесна политика, која во соработка со САД и Европската Унија, нѐ доведе до независност, поштедувајќи го народот од војна. Таков беше нашиот почеток – додава тој.
Потоа, по меѓународното признавање, како огромно достигнување, според него, нѐ чекале работи што ја чекаат секоја независна држава.
– Проблеми, домашни и меѓународни проблеми. Надвор од федерацијата како самостојна држава моравме да ги редефинираме односите со најголемата втора етничка заедница во Македонија, која исто така имаше големи очекувања од демократијата. Тука доцневме и во отсуство на иницијатива од страна на македонската држава да се тргне во насока на градење инклузивна демократија со повеќе претставници во државните структури од албанската етничка заедница, задоцнивме толку, што десет години по независноста бевме на прагот на меѓуетничка војна. Тоа можевме да го направиме подобро ако го пресретневме проблемот – објаснува Малески.
Според него, меѓународната политика го обележува спорот со Грција.
– Доколку бевме поактивни во барањето компромисно решение, мислам дека можеше да излеземе и со подобар договор од постојниот, но, за жал, и тука недостигаше иницијатива и бевме заглавени во тој проблем 25 години – заклучува Малески.

ВАСКО НАУМОВСКИ
Недостиг од национален консензус за клучни прашања

Васко Наумовски, поранешен вицепремиер, вели дека честопати проблемите со кои се соочуваме денес во македонското општество се последица на чекорите од првите години на независноста.
– Уставните одредби од 1991 година не го издржаа тестот на времето, па имавме повеќе интервенции подоцна. Недостигот од национален консензус за клучните прашања предизвикува незадоволство кај граѓаните и оневозможува создавање чувство на лојалност кон државата, како и чувство на меѓусебна солидарност. Ако едно дрво е криво насадено, тешко може да се исправи при растењето. Во континуитет имаме различни ставови за меѓуетничките односи, односите со соседите, прашањето за името, дури и нашата национална историја – посочува тој.
Според него, заслужуваат почит потезите на државното раководство при стекнувањето на независноста, кога беше одржана стабилноста на државата.
– Она, пак, што остави последици, се однесувањето при конфликтот од 2001 година, постконфликтниот развој, начинот на кој беа направени уставните измени за промена на името, како и постојаната омраза, поделби и непријателства меѓу граѓаните – вели Наумовски.

Солза Грчева
Лошата политика ги избрка младите од државата

Солза Грчева, претседателка на Глас за Македонија, вели дека државата се движела во добра насока додека се движела по инерција на поранешниот систем. Потоа, според неа, политичкиот систем се покажал како неспособен.
– Немам еден пофален збор да кажам за државата во овие 30 години. Тргнавме надолу, практиките не се менуваат на секоја власт, има огромна корупција и партизација. Ја намноживме администрацијата, од популистички причини, но и за да имаат партиите гласачко тело. Сето тоа ги избрка нашите деца надвор од земјата – посочува Грчева.
Вели дека веќе не може да го препознае ниту идентитетот на државата.
– Доказ за тоа е какви ни се образованието, здравствениот систем, како и инфраструктурата. Се покажавме како неработливи, неспособни и коруптивни – додава таа.
Според неа, бидејќи земјава веќе го допрела дното, треба да се ослободи простор за нови сили и нови идеи.

ПЕТАР БОГОЈЕСКИ
Граѓанска држава на сите граѓани

Петар Богојески, лидерот на политичката платформа Македонски концепт, вели дека независна Македонија е сѐ што може да посакаме во овој момент, бидејќи тоа е остварување на вековниот сон на генерации наши претци.
– Полна интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ е само една фаза од развој и зацврстување на суверенитетот на македонската држава, која треба да ги надживее и НАТО и ЕУ. Најголемата грешка во овие 30 години е развојот на Македонија како национална држава на многу народи или уште поголемата катастрофа што сега ни доаѓа е иднината на Македонија како бинационална држава на два народа – објаснува тој.
Според Богојески, Македонија во наредните 30 години, почнувајќи од денес, треба да се развива како граѓанска држава, на сите граѓани.
– Колку побрзо го направиме тоа, толку побрзо ќе имаме поцврста и пофункционална држава. Потрошивме 30 години опседнати со личности, време е следните 30 години да ги потрошиме опседнати со институции и создавање стабилен и одржлив државен систем – заклучува тој.