Фото: Маја Јаневска-Илиева

Треба да видиме наесен какви ќе бидат ситуацијата и епидемиолошката слика, дали вирусот повторно ќе почне да се шири. Веројатно ќе направат некоја поливалентна вакцина, како за грип што има, која ќе ги покрие сите соеви. Дали тоа ќе биде за една или две години, не знаеме. Во секој случај очекувам притисокот од фирмите и од СЗО да биде огромен, тие ќе гледаат по секоја цена населението да прими трета доза, смета проф. д-р Никола Пановски

Додека стивнува пандемијата, расте нова енигма за епидемиолозите, владите и за популацијата

Ќе има ли потреба граѓаните да се вакцинираат со трета доза против коронавирусот? На ова прашање потврден одговор даваат сѐ повеќе епидемиолози и професори, кај нас, но и во регионот. Српскиот епидемиолог Бранислав Тиодоровиќ неодамна изјави дека сите, без оглед на вакцината што ја примиле, ќе мораат да примат и трета доза за шест, осум или 12 месеци.
Проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет смета дека притисокот на производителите на вакцини, како и на Светската здравствена организација, да има трета доза, ќе биде огромен заради профит.
– Ќе видиме што ќе се случува. Треба да видиме наесен какви ќе бидат ситуацијата и епидемиолошката слика, дали вирусот повторно ќе почне да се шири. Веројатно ќе направат некоја поливалентна вакцина, како за грип што има, која ќе ги покрие сите соеви. Дали тоа ќе биде за една или две години, не знаеме. Во секој случај очекувам притисокот од фирмите и од СЗО да биде огромен, тие ќе гледаат по секоја цена населението да прими трета доза. Сакаат сево ова да трае со години. Има многу вакцини што сѐ уште се во фаза на испитување, па ќе видиме што ќе биде. Како и секоја респираторна инфекција, така и ковид-19 се засилува во есен и зима, па затоа да почекаме да видиме што ќе се случува наесен – вели професорот Пановски.
Според него, носењето маска во затворена просторија треба да продолжи да постои како мерка.

Неговиот колега, епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, вели дека дел сме од затворен систем на садови, па многу е веројатно дека со коронавирусот ќе се,,дружиме“ и во иднина, како и со грипот.
– Истото што ќе важи кај нив, но и во целиот свет, ќе важи и кај нас. Многу е веројатно со коронавирусот да се дружиме и во иднина, исто како со грипот. Јас многупати го имам спомнувано тоа. Колку често ќе треба да примаме бустер-доза, ќе зависи од траењето на антителата – сѐ уште не се знае точно колку ќе им биде векот – и од честотата на појава на мутирани соеви, кои би го заобиколувале стекнатиот имунитет – смета професорот.
Српскиот епидемиолог, пак, Тодоровиќ кажа дека во однос на дозите вакцина, така е населението навикнато и кога е во прашање грип.
– Прво се примаат две дози, па потоа секоја година се прима по една доза. Веројатно таа ситуација ќе ја имаме и со оваа болест – изјавил Тиодоровиќ.

Тој навел дека не е неопходно секој да испитува антитела и да драматизира околу тоа, затоа што сите вакцини што се достапни за граѓаните развиваат антитела што штитат. Дали ќе се задржат подолг временски период или пократок, зависи од видот на вакцината.
Алберт Бурла, генералниот директор на компанијата „Фајзер“, минатиот месец изјави дека е можно луѓето да треба да се вакцинираат со по една доза вакцина против коронавирусот на годишно ниво. Според него, мора да се види и прецизира каков би бил редоследот и колку често треба населението да се вакцинира. Како што кажа тој, најизвесно сценарио е дека ќе биде потребна трета доза од вакцината „Фајзер“, некаде измеѓу шест и 12 месеци од ревакцинацијата, а потоа ќе следува годишната ревакцинација. Според него, вакцините се важно средство во борбата против заразните мутирани варијанти на вирусот.
„Фајзер“ и партнерската компанија „Бионтек“ на почетокот на месецот соопштија дека нивната вакцина е делотворна против различните соеви на вирусот.