Фото: Игор Бансколиев

Ширењето на делта-сојот на коронавирусот ја анимира дилемата дали аплицираните вакцини во две дози обезбедуваат доволна заштита од оваа позаразна
вирусна мутација

Дали трета доза вакцина е опција за јакнење на имунитетот? Кој треба, а кој не треба да ја прими? Имено, со ширењето на делта-сојот на коронавирусот сѐ повеќе се анимира дилемата кај граѓаните дали аплицираните вакцини во две дози обезбедуваат доволна заштита од оваа позаразна вирусна мутација. Ваквите дилеми се присутни во јавноста, а сѐ почесто се и погласни, откако некои држави во светот почнаа со апликација на трета доза, а меѓу нив од завчера е и соседна Србија.

Што велат странските истражувања и досегашните студии?

Според нови американски студии, ако коронавирусот не се промени суштински во структурата (и во состојбата) како резултат на мутации, дополнително вакцинирање можеби ќе им треба само на луѓето со слаб имунолошки систем, како што се на пример постари лица или пациенти што го ослабуваат својот имунолошки систем со земање одредени лекови!
Компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“ доставиле првичен извештај до Американската администрација за храна и лекови (ФДА), во кој се наведува дека третата доза на вакцината е исто така ефикасна во заштитата од нови варијанти на коронавирусот.
– Третата доза на вакцината предизвика значително посилен одговор на антитела против оригиналната варијанта на коронавирусот, како и против варијантите делта (индиски) и бета (јужноафрикански), во споредба со одговорот по двете дози. Според првото истражување, третата доза е исто толку ефикасна против оригиналната варијанта, како и против мутации. Со оглед на високото ниво на имунолошки одговор што го забележавме, третата доза администрирана од шест до 12 месеци по примарната вакцина може да помогне да се одржи високо ниво на заштита од ковид-19 – се вели во извештајот на компанијата.

Каква е состојбата со аплицирањето на третата доза во соседството, а како е кај нас?

Според соопштението на Владата на Србија, сите вакцинирани лица ќе можат да ја добијат третата (бустер) доза по 180 дена од примањето на втората доза, а особено се препорачува за лица со оштетен имунитет, лица постари од 70 и 60 години од домови за стари лица, вработени во здравствени и социјални установи и патници во меѓународен сообраќај.
Според официјалните податоци, 50,2 проценти од возрасните во Србија се вакцинирани до 16 август.
Нешто повеќе од 2.700.000 граѓани на Србија ја примиле првата доза, а околу 2.600.000 втората.
За кај нас, Злате Мехмедовиќ, од Здравствен дом – Скопје, вели дека независно од тоа каква ќе биде одлуката на здравствените власти во земјава, смета дека трета доза од истата вакцина што ја примиле треба да примат оние кај кои има имунокомпромитираност на имуниот систем, односно оние што имаат дефицит на имун систем.
– Сепак, сметам дека давањето трета доза од истата вакцина што сте ја примиле нема некоја медицинска основа што може да биде тоа корисно – посочува тој.
Сепак, според него, имуниот систем е комплексна состојба и не може да се заснова само на антитела создадени од вакцинацијата, туку и од клеточниот и хуморалниот имунитет.
Според последните одлуки донесени на Владата, за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувачници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација), односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

[email protected]