Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трансферот на пратеници не е туѓ на македонската политичка сцена, туку се случувал низ годините. Повеќе пратеници од разни причини ја напуштале матичната партија веднаш по изборите и потоа дејствувале поинаку од програмската определба врз основа на која се избрани. Што се однесува, пак, до таканареченото купување пратеници, аналитичарите се согласни дека претставува најтешко кривично дело и треба да има казни и за оној што е купен, но и за оној што купува

Пратеничка контрабанда, но во чија полза

Тесниот изборен резултат на последните парламентарни избори внесе голема неизвесност за тоа кој би можел да ја состави новата влада, а изминативе денови партиите засилено работат на терен за да обезбедат мнозинство на пратеници што ќе им овозможат избор и непречено функционирање на новата влада.
И веројатно тоа е сосема нормално и нема ништо лошо во разните математички комбинаторики што се прават за владиното мнозинство, но она што е загрижувачко се изјавите за наводно купување пратеници од едниот или другиот табор, само да се обезбеди мнозинство за формирање влада. И претходно во Македонија се случувале преминувања од еден во друг табор под чудни и неразјаснети околности и пред носење значајни одлуки за државата. Дали во државата функционира некоја мистериозна црна берза на пратеници и колку една таква практика е во согласност со законските одредби, програмските определби за кои е добиен мандатот од граѓаните и, на крајот, се коси ли тоа со моралните вредности што треба да ги градиме како држава и општество.

– Во моментов додека зборуваме се прави обид за купување на пет пратеници. Јас ги знам и по име и по презиме и по детали. Се подмитуваат со станови во Скопје, сумата се движи од 100 до 500 илјади евра за да преминат во таборот и сето ова е недозволиво во еден систем што претендира да биде европски – изјави неодамна претседателот на Левица, Димитар Апасиев, гостувајќи на една домашна телевизија.
Трансферот на пратеници не е туѓ на македонската политичка сцена, туку се случувал низ годините. Повеќе пратеници ја напуштале матичната партија веднаш по изборите и формирале независна пратеничка група што дејствувала самостојно, но истовремено ваквите пратеници биле лесен „плен“ за големите партии кога ќе сакале да протуркаат некој закон или проект.
Во јавноста се појавуваа и гласини дека ваквите трансфер-услуги потоа се наплаќале со некаков тендер, некаква функција или слично, во зависност од одработеното.
Не толку одамна за гласање во Парламентот за промена на уставното име, некои пратеници од претходниот собраниски состав беа пуштени од затвор, а потоа и амнестирани, што беше протолкувано како трговија на политиката со правото и газење врз принципите на правната држава.

Она што исто така загрижува е што ваквата појава претставува класична изборна измама, бидејќи пратениците ги избира народот врз основа на програми и проекти што им ги нудат на граѓаните, а потоа тие како да забораваат на оние што ги донеле на функција и понекогаш дејствуваат од лични и материјални побуди, занемарувајќи ја програмската понуда.
Во една ваква констелација, се наметнува прашањето зошто воопшто и се одржуваат избори кога не се почитува волјата на гласачот, а згора на тоа, истиот тој гласач нема никаква можност да го отповика народниот избраник доколку не е задоволен од неговата работа.
– На последните два изборни циклуса не излегов да гласам. Не гледам никаква поента од гласањето, кога партиите си прават што сакаат. Едно ветуваат на избори, а потоа поинаку се однесуваат во парламентот. Си гласаат како им налага партијата, а ние гласачите сме само декор во целата приказна – вели Мирче К. од Скопје.
Според него, пратениците поаѓаат од личните материјални интереси, а малку се грижат за оние што ги избрале.

– Пред избори и дома ќе ви дојдат, а по избори не ве познаваат. Обидете се да закажете средба со некој пратеник од вашата изборна единица во неговата канцеларија и ќе видите дали ќе ве прими, или, пак, постојано ќе биде на некоја комисија, на пат, на седница… Затоа решив да не гласам повеќе. Тие ќе си ги полнат џебовите, а јас ќе им давам легитимитет. Па, погледнете колку пратеници дури и ги напуштија матичните партии за пари, заборавија и на идеологијата, и на програмата, и на образот. Очигледно во оваа држава сè е на продажба, а најмногу политичарите – револтиран е Мирче К.
Според политичкиот аналитичар Јове Кекеновски, купувањето пратеници претставува најтешко кривично дело и треба да има казни и за оној што е купен, но и за оној што купува.
– Она што се случува со купувањето пратеници претставува пример на експлицитен криминал на отворена политичка сцена. Јавниот обвинител треба веднаш да почне постапка и доколку се утврди вина, треба да следува и тешка казна и за тој што е купен, но и за тој што купува – вели Кекеновски.

Тој додава дека купувањето пратеници не е ново во македонската политика, туку дека го имало и низ годините, а државните институции не реагираат на ваквата појава.
– Не може некој што е избран од народот да се богати од вакви трансфери. Ваквиот криминал е лесно докажлив. Купување пратеници има сите овие години, но јавниот обвинител и МВР молчат затоа што се избрани од партијата на власт – нагласува Кекеновски.
За професорката Мирјана Најчевска целата работа околу обезбедувањето пратеници за избор на нова влада личи на театарска претстава.
– Ова многу повеќе личи на театарска претстава што се вика „Избори и конституирање собрание“, отколку на вистинско почитување на волјата на граѓаните. Преговараат сите. Нема врска ниту идеологија, принципи, суштински разлики меѓу партиите. Ова е еден од главните показатели за тоа колку е обезвреднето Собранието, а колку сè се сведува на партиско покривање на институциите – вели Најчевска.
Таа додава дека институциите што решаваат што и како ќе се случи во државата се пополнети со партиски структури.
– Сè е доведено до апсурд. Граѓаните повеќе немаат доверба во институциите – истакнува Најчевска.
Она што, пак, го очекува јавноста е институциите да функционираат и по допрен глас да се истражат и докажат сите и најмали сомненија за какви било незаконски активности, меѓу кои и евентуалното купување пратеници.