Павле Трајанов, претседател на Демократски сојуз / Фото: Принтскрин

Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците, расправаше за предлог-законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, поднесен од Павле Трајанов, при што го проследи во натамошна постапка.

– Со овој закон се отвараат можности за фер судење, при што за монтираните судските предмети ќе се отвори главен претрес каде ќе се преиспитуваат користените факти и докази, но ќе има можност да се презентираат и нови докази – изјави Трајанов.

Како што додаде, постапката ќе се повтори доколку е повредено начелото на презумпција на невиност, злоупотрени се системите за прислушување, користен е заштитен (лажен) сведок, злоупотребен е системот за рспределба на судските предмети (АКМИС) или не е обезбедено еднаквост на „оружјето” (презентирање на докази).

Според него, ова е исклучителна можност за корекција на неправдата, но и да се разобличи, улогата на политичките моќници, како и на полицијата, обвинителството и судот.

– Не се бара амнестија, помилување или абулиција, туку правна можност за преиспитување на судските одлуки, но во случаи каде се исполнети некои од овие услови односно судската одлука е заснована на несодветна примена на законите, без релевантни факти докази, без можност да се соберат докази итн – додаде тој.

Комисијата заклучи да се организира и јавна расправа каде експертите ќе можат да ги презентират своите стручни ставови.

Инаку овој предлог закон е во Собраниска постапка доставен на 12 ноември 2020 година, при што во меѓувреме веќе е расправано со експерти, како и со претставници на Владата и невладиниот сектор.

Предлагачот е подготвен да прифати амандмани за номотехничко подобрување на текстот, како и за друг вид на подобрување на законските решенија.