Фото: Игор Бансколиев

Во јавноста, како по некое непишано правило, се лансираат прашања, одговори, квазиистраги, фингирања, обвинувања и амнестирања. Во овој момент токму тоа е нешто што најмалку е потребно. Конечно, треба токму ние, претставниците од медиумите, односно професионалните новинари да не додаваат „масло на тетовскиот пожар“ и да ги остават надлежните служби да ја завршат својата работа во најкраток можен рок, а фактите да бидат утврдени во согласност со законот и процедурите. Сѐ друго, со непочитувањето на новинарските стандарди и принципи, ќе биде новинарско-медиумско профитерство и непрофесионализам

МАКЕДОНИЈА ВО ШОК И ЖАЛОСТ ПО ТЕШКАТА НЕСРЕЌА ВО БОЛНИЦАТА ВО ТЕТОВО

Што навистина се случило во тетовската модуларна ковид-болница? Кои се причините за големата трагедија, во која изгореа 14 пациенти и има уште многу повредени? Нацијата, граѓаните и државата се во траур, во очекување точни информации, брза, професионална и темелна истрага за причините за една од најголемите трагедии во историјата на државата. Причините за пожарот, кој за 15 минути ја проголта целата болница, мора да бидат расчистени до најситниот детаљ, за да нема простор за шпекулации и произволни толкувања и мислења, а да има простор за утврдување на фактичката состојба, вистината и одговорноста.
А во јавноста, како по некое непишано правило, се лансираат прашања, одговори, квазиистраги, фингирања, обвинувања и амнестирања. Во овој момент токму тоа е нешто што најмалку е потребно. Конечно, треба токму ние, претставниците од медиумите, односно професионалните новинари да не додаваат „масло на тетовскиот пожар“ и да ги остават надлежните служби да ја завршат својата работа во најкраток можен рок, а фактите да бидат утврдени во согласност со законот и процедурите. Сѐ друго, со непочитувањето на новинарските стандарди и принципи, ќе биде новинарско-медиумско профитерство и непрофесионализам.


Истрагата интензивно собира докази

Според официјалните информации од Министерството за здравство, во ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, а преостанатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност. Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди.
За вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, на терен излегоа пет обвинители. Имено, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје.
На местото на настанот беше и јавниот обвинител на Македонија, кој присуствуваше и на работата на Кризниот штаб. Во соработка со припадници на МВР, веднаш е започнат увидот.

– Обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница за да се утврдат причините за пожарот. Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот во и околу објектот. Увидот продолжи и во текот на вчерашниот ден, а јавните обвинители, заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан – соопшти ОЈО.
Министрите за внатрешни работи и за здравство информираа за досега утврдената состојба од пожарот со трагични последици и истакнаа дека увидот за утврдување на причините продолжува.
– Во оваа насока, Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да му се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки. Задолжени се надлежните институции да утврдат каков тип дополнителна помош и поддршка се потребни за семејствата на загинатите и повредените, за истата таа да биде обезбедена во најкраток временски рок – велат од Владата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја информира Владата за преземените дејства од страна на МВР и за досега утврдената состојба.
– Стручните тимови на МВР му се ставаат на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки – вели тој.


Министерство за здравство: Болницата била по највисоки стандарди

Од Министерството за здравство вчера соопштија дека откако во медиумите и на социјалните мрежи се појавиле информации дека причина за пожарот се пропусти при градбата, информираат дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди.
– Модуларните ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени по технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Ковид-центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри, а парапетите на прозорците се ниски за во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита. При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците и сл. По овие барања е постапено и истите тие се санирани пред пуштањето во употреба и хоспитализацијата на пациенти. Овие документи ќе ѝ бидат доставени на увид на јавноста. Ковид-центарот во Тетово ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи – посочуваат од ресорното министерство.
Оттаму апелираат да не се шпекулира со ваквите информации.
– Министерството за здравство очекува експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа стравотна несреќа. Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и, секако, одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид-центри беа и сѐ уште се клучни во справувањето со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите тие се градени по највисоки стандарди, а набавката што ја правеше Министерството за здравство е во согласност со стандардите за ваквите болници што се користат во многу земји во светот – посочуваат оттаму.


Факти што му претходеа на трагичниот настан

Без никаква намера за прејудицирање и директно поврзување со трагичниот настан, неколку немили случки беа проследени во јавноста од 15 април годинава, кога беше пуштена во употреба, до катастрофалниот пожар на 8 септември, кој однесе човечки животи, а го поврзуваат ковид-центарот во тетовската болница, за што на двапати се најде во фокусот на јавноста.
· Најпрво, на денот на отворањето на модуларната болница, економскиот директор на Клиничката болница во Тетово, Артан Етеми, информира дека се утврдени грешки при изградбата. Тој тогаш побара од фирмата изведувач да ги отстрани пропустите, иако претходниот ден имало примопредавање на објектот од страна на фирмата изведувач, Министерството за здравство и Клиничката болница.
Грешките биле мали и требало да се санираат во рок од пет дена.
– Забелешките се однесуваат на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки. Даден е рок за пет дена да се санираат грешките при изградбата на модуларната болница. Струја и вода има. За системот за кислород сме во контакт со фирмата, од каде што ни рекоа дека за два-три дена може да се постави. Ако не излезат други проблеми, се надеваме дека ќе се пушти во употреба – изјави Етеми пред нецели пет месеци. Во модуларната болница беа обезбедени места за 35 пациенти.

Голем инцидент поврзан со болницата се случи на 23 август, а беше пријавен од вработените во тетовската болница, кои увиделе дека има оштетување на системот за централен довод на кислород низ објектите. За среќа, тогаш немаше последици по пациентите. Оштетени биле две споредни цевки што носат кислород од централниот систем до првиот објект, ургентно-дијагностичкиот центар, додека снабдувањето до ковид-одделенијата одело непречено преку главната цевка.
Портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифоски тогаш информира дека со употреба на физичка сила биле оштетени две бакарни цевки со различна големина, односно капацитет. Едната цевка за компримиран воздух била скината, а втората за азотен оксидол била свиткана.
Една недела подоцна полицијата уапси 42-годишно лице од селото Желино како осомничено за оштетување на цевките во болницата. Нема информации за мотивот на осомничениот.

Д-р Гзим Нуредини, координатор во ковид-центарот на Клиничката болница, тогаш изјави дека сите 125 пациенти што ги имала имале среќа што ги спасиле.
– Да имаше оштетување на главната цевка, тоа ќе беше катастрофа и не би сакал да предвидам што би можело да се случи и што би можеле ние да направиме во тие моменти – изјави Нуредини.
Тендерот за изградба на 17 модуларни болници во земјава, меѓу нив и тетовската, минатата година ги доби велешката фирма „Брако“, заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра.


Се огласи и изведувачот „Брако“

Поради зголемениот интерес на јавноста, но и како одговор на и одредени шпекулации што се појавија во дел од јавноста, од „Брако“ ДОО вчера испратија соопштение.
– Нашата компанија, која работи по највисоките стандарди за квалитет, е испорачувач на модуларни префабрикувани контејнери на споменатата модуларна болница, а во интерес на објективно информирање на јавноста, сакаме да потенцираме дека оној дел од работите што беа наша одговорност при изградбата се реализирани во согласност со сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет. Пред техничкиот прием, сите позиции на работа што беа наша обврска се тестирани и проверени, за што впрочем е доказ уредниот технички прием на објектот, кој е потоа предаден во употреба, а во согласност со ригорозните стандарди на Светската банка како финансиер на проектот, а преку Проектната единица при Министерството за труд и социјална политика -велат од „Брако“.


Прогласена тридневна жалост

Прогласена е тридневна жалост на целата територија на Македонија. Оваа одлука е донесена на вчерашната вонредната владина седница.
Знамињата пред Владата се спуштени на половина копје.
Претходно, и Тетово на ниво на општина прогласи тридневна жалост.
Владата апелира до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип промоции предвидени за овие три дена.


Владата прифати странска експертиза

Владата им се заблагодарува на сите држави од регионот, од Европа и од светот за изразеното сочувство за трагичниот настан и донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари, за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид-центар во болницата во Тетово.