Дури и ако Ставрос Теодоракис, основач и лидер на партијата То Потами(Река), се воздржи од гласање за Преспанскиот договор, како што објави синоќа, грчката влада има солидно мнозинство од 149 пратеници, пишува „То Вима“ во електронското издание.

Според истиот извор, во него влегуваат 145 пратеници од СИРИЗА, плус четири членови на „Независни Грци“(АНЕЛ).

Левиот демократ, пратеникот Танасис Теохаропулос најави дека ќе го поддржи договорот, доколку партијата не се произнесе поинаку. Тоа треба да биде одлучено на 20 јануари.

Ципрас, за време на синоќешната расправа за доверба на владата, нагласи дека е потребно апсолутно мнозинство за да се обезбеди легитимност на договорот од политичка гледна точка, без оглед што Преспанскиот договор може да биде изгласан и со просто мнозинство, со гласовите на присутните пратеници во салата.

Гласањето доверба е во основата на Преспанскиот договор. Некои аналитичари веруваат дека синоќешната победа на Ципрас индиректно ќе се одрази и врз гласањето за Договорот, со кој треба да се разреши деценискиот спор за името.

Ципрас и Заев се номинирани за Нобелова награда за мир токму заради постигнувањето на овој Договор.

Ако владата во Атина не успее да обезбеди 151 глас „за“ при првото гласање, тоа ќе биде сфатено како загуба на владиното мнозинство, што ќе доведе до предвремени избори.

САД и ЕУ се категорични дека Преспанскиот договор треба да биде ратификуван со апсолутно мнозинство, така што ќе се отвори можноста Скопје да се присоедини кон НАТО и да започне преговори за членство во ЕУ.

Апсолутното мнозинство е потребно и заради меѓународно признавање на легитимноста на Договорот. Москва се обидува отворено да го поткопа неговото ратификување на различни начини. Тоа стана јасно за време на неодамнешната посета на германската канцеларка Ангела Меркел на Атина, како и заради силната поддршка на Вашингтон.

Гласањето ја става партијата „То Потами“ пред сериозен испит, со оглед на тоа дека се заложува за европско единство и за формирање на заеднички политики со клучните меѓународни организации.