Откога имаме затоплување се зголеми и бројот на консултации што ги бараат пациентите, а евидентираме и зголемен број на мозочни и срцеви удари, поплаки за зголемен крвен притисок и, за жал, зголемен број на пациенти со ковид-19. За време од 24 часа регистрираме од 80 до 120 посети, велат од итната медицинска помош

Сончевото и топло време со максимална температура во интервал од 13 до 22 степени на почетокот на февруари, влијае и на здравјето на луѓето. Наглото покачување на надворешните температури што личат на пролетни, негативно влијаат особено на хронично болните и на метереопатите, кои најчесто промените ги регистрираат со промени во крвниот притисок и со главоболки. За жал, зголемен е и бројот на срцеви и мозочни удари. Метеоролозите најавуваат топло време и за наредните денови, а лекарите препорачуваат да се внимава на облекувањето, бидејќи се можни настинки. Епидемиолозите сметаат дека генерално топлото време не му одговара на коронавирусот, но секако нам ни одговара заради повеќе витамин Д и поради тоа што ваквите температури можат само да овозможат да се спречи неговото ширење. Докторите советуваат да се искористи сонцето за прошетки, но со строго почитување на заштитните мерки препорачани во овие услови на пандемија, без поголеми групирања. Од друга страна, наглите температурни осцилации се причината што деновиве на улиците повеќе се слуша сирената на амбулантните возила на итната медицинска помош.
– Откога имаме затоплување се зголеми и бројот на консултации што ги бараат пациентите, а евидентираме и зголемен број на мозочни и срцеви удари, поплаки за зголемен крвен притисок и, за жал, зголемен број на пациенти со ковид-19. За време од 24 часа регистрираме од 80 до 120 посети. Тријажата за пациентите ја прават лекарите што се јавуваат и помагаме колку можеме иако не сме во редот на развиените земји на 50 илјади граѓани да имаме една екипа.

Зголемениот број ковид-пациенти е веројатно последица од празниците во претходниот период, затоа препорачувам да се почитуваат мерките, да се носат заштитни маски и да нема групирање. Хронично болните лица доколку почувствуваат некакви симптоми веднаш да си ги посетат своите интернисти, редовно да си ја земаат пропишаната терапија. Не помалку е важно за сите соодветно да се облекуваат и да не дозволат да добијат настинки и да се доведат во ситуација да им падне имунитетот. Секако и да избегнуваат стрес – порачува
д-р Милица Бубало, управничка на итната медицинска помош при Здравствениот дом во Скопје.
Во ова време на пандемија и температурни промени лекарите препорачуваат и здрава исхрана со многу свеж зеленчук и овошје, но и да се пијат што повеќе течности. Епидемиолозите, пак, советуваат прошетки на сонце, но никако групирање на повеќе луѓе.

– Топлото време не му оди во прилог на коронавирусот, повисоките температури ќе придонесат да се спречи неговото ширење, бидејќи сега може повеќе да проветруваме и почесто да бидеме на отворено. Временската состојба како предвреме да дошла пролетта или лето ни овозможува повеќе витамин Д, но главно е ако се почитуваат мерките. Генерално топлото време придонесува да не се шири вирусот. Ако не се почитуваат мерките, тоа е веќе друга ситуација. Еве гледам кафеаните веќе ги извадија масите и тие што се надвор се дваесет пати помалку загрозени, но внатре има реална опасност повеќе да се пренесува вирусот. Начелно топлото време позитивно влијае. На хронично болните лица им препорачувам од 12 до 15 часот да излезат надвор, да прошетаат, но да не се групираат. Ако не можат да шетаат, да се качат во автомобил и да одат на Водно или на Скопска Црна Гора да дишат чист воздух и редовно да си ја земаат препорачаната терапија. Во исхраната да користат што повеќе свеж зеленчук и овошје – советува д-р Никола Пановски.