Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, се обиде да го објасни и ублажи категоричниот став на францускиот претседател Емануел Макрон во врска со проширувањето на Европската Унија, во чии рамки е и одложеното доделување на датумот за почеток на пристапните преговори за Македонија.

– Идејата што често ја кажува тој е дека европското проширување ќе може да се случи откако одлучувачкиот систем ќе биде обновен, затоа што во моментов тој не е задоволителен. Мислам дека треба многу подобро да се разбере таа забелешка така, како забелешка за одлучувачкиот процес во моментов, отколку како отпор, кој тој го нема, затоа што отсекогаш кажувал дека местото на земјите од Балканот е внатре, во обновена Европска Унија. Станува збор за нетрпелив човек, нетрпелив во однос на функционирањето на Европа, затоа што Европа му е при срце. Но тој има идеја да ја направи Европа вистински функционална и способна да одговори на новите светски предизвици, кои се сѐ повеќебројни и посложени. Верувам дека добронамерно го кажал тоа, дека тоа било добронамерно за европската изградба – вели Тимоние во интервјуто за еден од овдешните медиуми.

Сепак, на директното прашање како ќе се изјасни неговата земја при наредното гласање за доделување датум за почеток на преговори за Македонија во Советот на Европа, Тимоние нема конкретен одговор.
– Тоа зависи од процената што ќе се направи од моите власти во зависност од агендите што беа испорачани и тој став им беше јасно соопштен на потпретседателот на Владата, Бујар Османи, и на министерот за надворешни работи Никола Димитров – одговори францускиот амбасадор.

Имено, претходната најава дека францускиот претседател Макрон ќе блокира секакво проширување на ЕУ сѐ додека самата не се реформира, во земјава се толкува како ново одложување на македонските евроинтеграции на неодредено време, дури и по 14 години од добивањето на статусот земја-кандидат.

Самиот Тимоние претходно на една јавна трибина во земјава изјави дека уставните промени и менувањето на името на државата, како и договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција, сепак, не биле доволни за добивање датум за почеток на преговорите, туку и понатаму остануваат како критериуми борбата со корупцијата, реформите во правосудството, администрацијата…, поточно функционирањето на целото општество.