За само неколку дена, редица високи американски функционери отворено ги истакнаа своите заложби за надминување на спорот со Грција и за прием на Македонија во НАТО

Македонија повторно е во фокусот на САД и на нивните геостратегиски интереси. Иако низ годините се менуваше само интензитетот, поддршката на Вашингтон, според тврдењата на повеќе американски аналитичари, никогаш не изостана за земјава. Сега таа повторно е активна со своето влијание да се дојде до компромис за спорот со Грција за земјава што побргу да стане членка на НАТО и на ЕУ. Токму во екот на преговорите за наметнатиот спор за името со нашиот јужен сосед и во очекување на телефонскиот разговор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, охрабрувачки пораки на наша сметка пристигнаа од повеќе високи американски државни претставници. Првата, меѓу пораките за поддршка на земјава, пристигна од постојаната претставничка на САД во НАТО амбасадорката Кеј Бејли Хачинсон, која изјави дека Алијансата ќе направи сѐ што е можно за да се заштити Македонија од агресијата на Русија што подразбира и брз прием на земјава во НАТО. Веднаш по неа, со поддршка за процесот на решавање на спорот за името се огласи и американскиот помошник-државен секретар за Европа и за Евроазија, Вес Мичел.

Мичел во текот на изминатиот ден истакна дека продолжува тивката улога на САД во спорот за името.
– Неодамна зазедовме заеднички став не само за Србија и за Косово, туку работиме и на БиХ, на прашањето за името меѓу Македонија и Грција. Дел од нашиот тим во моментов работи на ова прашање, а САД продолжуваат да играат тивка улога заедно со ЕУ, Германија и со другите, охрабрувајќи ги да се најде решение за името, за да ја видиме Македонија како членка на НАТО – рече Мичел во обраќањето на фондацијата „Херитиџ“, каде што ја промовира стратегијата на претседателот Доналд Трамп за Европа. Мислам дека некои од овие проблеми, кои се влечат многу одамна, не очекувам да ги видам целосно решени наскоро, но мислам дека правиме добар напредок – додаде помошник-државниот секретар за Европа и за Евроазија.
Паралелно на надворешните американски пораки за брзо окончување на проблемот со Грција, вчера одговарајќи на новинарско прашање, на паузата од првиот Македонски енергетски форум во Струга, американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли рече дека решавањето на овој долгорочен проблем ќе донесе добро за двете земји, но ќе придонесе и за просперитетот и за стабилноста на целиот регион.
– Продолжуваат преговорите меѓу двете земји со помош на ОН. Со оглед на специфичноста јас ќе им оставам на двете земји да најдат заедничко прифатливо решение, кое граѓаните го чекаат долго време – рече Бејли.

Во меѓувреме вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на средбата со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, во Брисел изјави дека се надева на позитивен исход во преговорите и дека наредните часови можат да бидат клучни.
– Имаме сериозен напредок и како никогаш порано двете земји не биле поблиску до решение. Наредните часови можат да бидат клучни за исходот од преговорите и се надевам дека евентуално позитивниот исход ќе создаде атмосфера за продлабочување на односите меѓу Македонија и Грција, како и услови за забрзано продлабочување на евроатлантската перспектива на Македонија – истакна Османи.
Во контекст на овие случувањата сѐ уште нема најава за разговор меѓу премиерите на Македонија и на Грција ,Зоран Заев и Алексис Ципрас. Според досегашните толкувања во јавноста, делумно одложувањето е поради протестите во двете земји, но и поради засилувањето на грчките барања и уцени. Во повеќе наврати досега изгледаше како разговорите за наметнатиот спор за името од страна на Грција како да пропаѓаат или дека се одложуваат, но тие продолжуваа, коментираа некои од домашните аналитичари.
Засега нема официјални информации за контактот меѓу двајцата политичари, првично најавен дека ќе се реализира до крајот на минатата недела.
Грчките медиуми, пак, повикувајќи се на свои извори и на информации од некои македонски медиуми, прогнозираат дека телефонскиот разговор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас би можел да се случи во следните денови.
Некои од нив дури објавуваат и „дека се во прашање часови до разговорот“ и дека „Атина очекува позитивен одговор од премиерот Заев“. Во однос на името, и покрај тоа што ниту македонската ниту грчката страна, јавно и официјално не ги отвораат картите дали постои договор, медиумите во Грција, веќе неколку денови тврдат дека е договорено „Република Северна Македонија“.