НОВ ПРОФИЛ ВО УЧИЛИШТЕТО „МАРИЈА КИРИ СКЛОДОВСКА“

Техничар за заштита на животната средина е релативно нов профил што го нуди средното стручно училиште „Марија Кири Склодовска“. Оваа година овде ќе биде запишана третата генерација ученици, а предметите што се изучуваат токму на оваа насока се Загадување и заштита на почва, вода и воздух, Одржлив развој, Обновливи извори на енергија, Климатски промени, Алтернативни извори на енергија, Алкалоиди и дроги, Наноматеријали, Отровни супстанции.
Професорот по биологија во училиштето, Александар Алексовски, вели дека неодамна била направена анкета меѓу деветтоодделенците, кои биле прашани за нивниот понатамошен избор на училиште односно образование.
– Ги прашавме деветтоодделенците кој е нивниот избор, гимназиско или средно стручно училиште? Повеќе од 70 отсто од нив велат гимназиско. Но кога ги прашавме што им е важно откако ќе завршат со средното образование, повеќе од 80 отсто од нив велат: „Да најдам добра работа, работа што ме интересира“. Ова ни покажува дека проблемот е јасен, постои недоволна информираност за можностите што им се на располагање. Нашиот тим наставници при „Марија Кири Склодовска“ на македонски наставен јазик, се обидува на секој начин да допре до деветтоодделенците, да им даде информации и да им помогне да се определат за некој од профилите што ги нудиме. Сѐ уште има основни училишта што не ја согледале важноста од соработката со средните училишта, но, не се обесхрабруваме. Особено ни се важни новите профили, кои нудат квалификации барани на пазарот на трудот, но и се во сферата на интереси на младите луѓе – вели проф. Алексовски.

Во основните училишта, секогаш најмногубројни со членови се еколошките секции. Во нивните рамки функционираат зелени патроли и екоклубови, кои често организираат различни екоакции. Тимот наставници во ова стручно училиште прашуваат зошто таа љубов кон природата и волјата да се заштити и унапреди животната средина, да не продолжи и понатаму, но како професија?
– Затоа еден од профилите што ги нудиме во нашето училиште е токму „техничар за заштита на животна средина“. Наставата изобилува со предмети од науката, особено од екологијата. Ние велиме: „Ќе бидеш среден еколог! За голем, има и факултет!“. Имено, тука учениците освен со општообразовните предмети, ќе се сретнат со предмети како: Загадување и заштита на почва, вода и воздух, Одржлив развој, Обновливи извори на енергија, Климатски промени, Алтернативни извори на енергија, Алкалоиди и дроги, Наноматеријали, Отровни супстанции и слично. Паралелно со училиштето, уште од прва година ќе бидат вклучени во практична настава, ќе учат со работа во реномирани еколаборатории, заводи за заштита на животната средина, институции од областа на заштитата и унапредувањето на животната средина, ботаничка градина и слично – појаснува професорот Алексовски.

Во пресрет на новите уписи во средно училиште, тој ги повикува деветтоодделенците да не се двоумат и да ја изберат токму оваа насока.
– Најголем дел од младите ги гледале или ги гледаат сериите со истраги на местото на злосторството познати како „Си-ес-ај“. Само во профилите техничар за заштита на животна средина и хемиски лабораториски техничар, во трета година се изучува предметот Форензички испитувања, директно поврзано со оваа проблематика. Затоа, ги повикуваме деветтоодделенците, но и сите ученици од основните училишта да истражуваат, да бараат информации, да одберат според нивните афинитети и желби, да бидат среќни средношколци, а потоа и среќни и продуктивни професионалци – порачува професорот.