Епидемиолозите сметаат дека треба да се тестира целото население во државата со серумски тестови, по примерот на другите држави, кои тестираа за да видат колкумина го имаат вирусот и колкумина го развиле

МАСОВНОТО ТЕСТИРАЊЕ Е ЕЛЕМЕНТАРЕН ПРИОД ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ШИРЕЊЕТО НА КОВИД-19

Колку повеќе тестови се прават, толку е поголема можноста за добивање на вистинската бројка на заразени, а тоа би довело и до поголема контрола на ширењето на ковид-19. Стратегијата за масовни тестирања треба да се применува, а ова ни го порача пред два дена и д-р Фабио Скано, советникот на Светската здравствена организација, кој рече дека состојбата во Македонија е загрижувачка, но дека може да се стави под контрола со масовно тестирање, идентификување на случаите, нивните контакти и нивно изолирање.
Кај нас во моментов нема масовно тестирање, туку се тестираат лицата што биле во контакт со лица за кои е потврдено дека се позитивни на ковид-19. Зошто е потребно здравствениот систем да спроведе масовно тестирање? За ова поразговаравме со епидемиологот д-р Александар Стојанов, кој од вчера е и нов в.д. директор на Центарот за јавно здравје.

– Ако се прашувам јас, треба да се тестираат сите луѓе, целото население од два милиони жители што живеат во државата. Треба да има масовно тестирање. Еве, на пример, во Чешка, здравствените власти направија масовно тестирање, односно 347 илјади серумски тестови, за да видат колкумина го имаат вирусот и колкумина го развиле. Испадна дека се работи за помалку од два отсто од населението. Ние во Дебар кога беше критично направивме 2.000 теста, а само 32 пациенти имаа антитела. Нас сега во моментов ни требаат пи-си-ар тестови, за да видиме присуство на вирус кај болните. А кога сево ова ќе спласне, тогаш би правеле масовно тестирање за да видиме колкумина биле во контакт со вирусот. Во моментов не можеме да најдеме толку многу тестови, а немаме ни доволно лаборатории што би го издржале тоа, па затоа се прави некоја тријажа, се тестираат оние што имаат најголема потреба и индикации – вели д-р Стојанов.
Во согласност со последните податоци на Институтот за јавно здравје, во Македонија досега се направени 55.735 теста, вклучувајќи ги и оние што се рутински, но и оние што се дел од скринингот. Во просек на дневно ниво се прават околу 1.000 теста.
Во однос на масовното тестирање, епидемиолог проф. д-р Драган Даниловски пред извесно време кажа дека постојат примери на држави што го прават тоа. Според него, овие тестови се различни од оние тестови што ги користи македонскиот здравствен систем.

– Тоа го направија Сингапур, Јужна Кореја, Јапонија. На тој начин лоцираа и евидентираа скриени кластери, евидентираа инфицирани случаи, кои ги изолираа за да не се шири вирусот. Би требало за ваква опција да се размисли и за кај нас – смета професорот.
Во светот сѐ повеќе држави промовираа масовни тестирања за утврдување на бројот на заразени од коронавирус, што се смета за директен начин за справување со ширењето на вирусот. И Светската здравствена организација уште во почетокот на пандемијата апелираше дека треба да се тестира секој сомнителен случај, кој доколку е позитивен, треба да се изолира, да се открие со кого бил во контакт пред да се развијат симптомите и да се тестираат и тие луѓе.
Микробиологот проф. д-р Никола Пановски смета дека тестирањето на оние со кои имале контакт заразените лица со ковид-19 е нешто што треба да продолжи да се прави.

– Во рамките на скринингот на вработените во градинките, од 2.000 вработени се покажа дека 10 се позитивни. Но тие десетмина сега сигурно се веќе оздравени, а сите други што биле негативни, сега е можно да се заразни. Значи, позитивните сега се негативни, а сите други може да се позитивни. Во период од еден месец, од каде да знаеме кој со кого имал контакт и дали е заразен, а замислете, треба деца да им пуштиме на згрижување – смета Пановски.
Според него, фокусот на групи, односно идентификацијата и ставањето во изолација на позитивните контакти, е нешто што треба да се продолжи да се прави, како и досега.
– Нема некаков специјален начин што би го спровеле, а со кој би се спречило ширењето на заразата. Семејните собири треба да не се случуваат, собирањата каде било. Да не беа тие, немаше да имаме случаи кога „чисти“ градови, почнаа да бројат заразени. Таков беше случајот со Охрид, со Ресен. Ако се почитува изолацијата, состојбата колку-толку ќе биде под контрола, иако сега пред избори и по избори, не може да биде под контрола каква што треба – додава професорот.
Советникот д-р Скано истакна дека и Владата и граѓаните треба да се вклучат во пронаоѓање на контактите во рана фаза, зашто само на тој начин може да се биде пред вирусот.

– Во спротивно ќе имаме експлозивна ситуација. Сега не е време за спуштање на гардот, треба да се продолжи со изолирање на случаите и со неуморно трагање по контактите – истакна Скано.
Во согласност со последните податоци на Институтот за јавно здравје, во Македонија досега се направени 55.735 теста, вклучувајќи ги и оние што се рутински, но и оние што се дел од скринингот. Во просек на дневно ниво се прават околу 1.000 теста.