Ставот дека Река сака решение на спорот со името и уште од почеток е со јасна позиција, го повторува лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис во интервју за грчкиот весник „Етнос“ и додава дека „Грција не е во опасност од северните соседи“.

– Прашувам: ќе имаме повеќе проблеми ако нашите соседи се членки на ЕУ или протекторат на Турците и Русите? Бидејќи, очигледно, ако им го пресечеме патот кон Европа, некаде ќе се вклучат и тие. Значи, за неколку седмици, ние Грците треба да донесеме важна одлука: Ќе кажеме „не“ на промената на нивното име од Македонија, како што денес сите ги признаваат, во Северна Македонија? Ќе се судриме со сите наши сојузници кои го поддржуваат договорот? Ги преброивме последиците за грчко-турските односи? За нашата економија?- вели Теодоракис во интервјуто за грчкиот весник, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на неговиот коментар за изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев, лидерот на Река вели „Егејски Македонци постојат, но зборуваат грчки“. Додава дека нема да молчат за ставовите од македонска страна и истакнува дека ако има повлекувања од обврските предвидени со Договорот од Преспа, тогаш договор не постои.

-Тоа што сакаме решение не значи дека ќе молчиме пред апсурдите што ги кажуваат – кога ги кажуваат – нашите соседи. Договорот наведува дека јазикот на ПЈРМ припаѓа на групата јужнословенски јазици. Исто така, прифатија дека немаат никаква врска со античката грчка култура и наследството на грчката Македонија. Сето ова мора да се отслика во нивниот Устав. Ако се повлечат од ова, тогаш очигледно нема договор – вели Теодоракис.