Договорот има слабости, но во ова време е корисен за да го спречиме походот на Турците и да им го покажеме патот кон Европа на соседите, вели лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис во интервју за информативниот портал „Иефимерида“, коментирајќи го Договорот меѓу Македонија и Грција.

– Договорот има слабости, тоа го истакнав уште од прв момент, но особено во ова време е корисен договор. Треба да ги затвориме малите фронтови и да се занимаваме со фронтот од исток. Турците ги модернизираат аеродромите во Скопје и Охрид. Ова е бизнис договор. А имаат и воена цел. Да добијат воздушна воена база на север од нас. Тоа е нивни стар стремеж. Ќе им дозволиме? Постојано даваат пари за џамии и клиники во оддалечени области? Ќе им дозволиме? Единствениот начин да го спречиме походот на Турците на Западен Балкан е да им помогне на нашите соседи да се насочат кон Европа. Ако ние им го затвориме патот, тогаш исламскиот лак ќе се прошири – вели Теодоракис.

Првиот човек на Река смета дека доколку владата го послушала нивниот предлог за формирање Совет за национална безбедност, тогаш Грција ќе добиела подобар договор.

– Партиите, одговорно ќе зазема став дали е поважно ерга омнес или националноста. Затоа што во преговори не можеш да добиеш сė. Моето мислење е дека требаше да инсистираме на „граѓани на Северна Македонија“. Ова, мислам дека е главната слаба точка на Договорот – објаснува лидерот на Река.

На прашањето како гледа на промените на политичката сцена што ги носи потпишувањето на Договорот, Теодоракис вели дека не гледа промени, затоа што СИРИЗА и Независни Грци се сė уште на власт, иако со еден пратеник помалку и додава дека ситуацијата ќе остане таква „сė додека Ципрас не реши да одржи избори“.

Тој додава дека Река не размислува за влез во владата, ниту за нејзина поддршка, бидејќи е и останува опозиција.

– Ако си заминат Каменос и Независни Грци од владата, тогаш е јасно дека не постои владино мнозинство и одиме на избори – вели Теодоракис, демантирајќи какви било информации за можен влез на Река во владата, доколку Каменос, поради прашањето за името ја напушти владината коалиција.