Фото: Игор Бансколиев

Собраниската седница за гласање (не)доверба на Владата вчера се одвиваше доста тензично и со многу прекини. Иако започна во 11 часот, таа во текот на денот неколкупати се одложуваше со паузи.
Седницата беше отворена од спикерот на парламентот, Талат Џафери, кога во салата беа пребројани 60 пратеници, по што Џафери ја напушти седницата бидејќи изјави дека не ја поддржува иницијативата поднесена од опозицијата за гласање недоверба на Владата. Тој го повика потпретседателот на Собранието, Фадил Зендели, да ја води седницата, по што даде пауза од десет минути.
Според тогашните пребројувања, на опозицијата ѝ недостигаше еден глас за кворум за донесување на дневниот ред на седницата, бидејќи во салата не беше присутен пратеникот Кастриот Реџепи од Беса.
Во второто продолжение на седницата, во салата повторно не присуствуваа пратениците од досегашното мнозинство предводено од СДСМ и од ДУИ и гласањето повторно се одложи. Третиот пат парламентарната седница се одложи по процедурално барање на пратеникот од Левица Димитар Апасиев, кој ги цитираше членовите 60 и 61 од Деловникот на парламентот за тоа како е предвидено да функционира Собранието кога се одржува седница во овие околности.

Апасиев истакна дека само во случај на отсуство или спреченост претседателот на парламентот, Џафери, може да се замени од неговите заменици и никако поинаку истиот тој не смее да ја напушти својата работна позиција.
– Утрово видовме дека Џафери беше присутен во парламентот и дека не е попречен да ја извршува својата функција, затоа барам пауза од еден час тој да се врати на својата работна позиција – изјави Апасиев.
Веднаш потоа, неговото барање беше усвоено од потпретседателот на Собранието, Зендели, кој по третпат ја одложи седницата, која, според најавите, се очекуваше да започне попладнето. Во 16 часот седницата продолжи, но поради немање кворум и присуство само на 60 пратеници во собраниската сала, седницата одново беше прекината. До затворањето на денешното издание на весникот нејзиното продолжение не се случи.
Инаку, според правилникот, собраниската седница треба да заврши најдоцна до полноќ и на неа треба да се гласа за недоверба на Владата, за што е потребно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вели во член 218 од Деловникот, потоа претседателот на Собранието е должен веднаш да го извести претседателот на Републиката.


Каде е Кастриот

Кастриот Реџепи од Беса, кој недостигаше на седницата во парламентот, на Фејсбук вчера порача дека на државата во овој значаен период не ѝ треба политичка криза и потопување во непознати турбулентни води.
– Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратегиските партнери, САД и земјите од ЕУ, кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември земјата има изгледи да ги започне преговорите со ЕУ, решив да не учествувам на собраниската седница на која треба да се донесе одлука со која ќе се доведе во прашање оваа витална национална и државна цел. Како одговорен политичар и пратеник, оваа одлука не ја донесов лесно, ставајќи го интересот на народот и државата на прво место – се вели во објавата на Реџепи на Фејсбук.
Димитар Апасиев од Левица на својот фејсбук-профил за информацијата дека го нема пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, напиша: „Јако еј! Киднапирале пратеник мислејќи дека така нема да паднат!?“
Лидерот на Беса, Билал Касами, изјави дека се сомнева дека пратеникот Реџепи се држи негде против своја волја и не може да дојде во Собранието.
– Последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на сè за да остане на овие позиции. Сè додека немам јасна слика и глас на пратеникот за својот став јас се сомневам дека тој против својата волја го има декларирано тоа и не може да дојде во Собрание и да се искаже за својата политичка позиција – изјави Касами.
Ана Писонеро, портпаролката на Европската комисија, вчера за македонските медиуми изјави дека ги следи тековните случувања во македонскиот парламент поврзани со пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, кој не се појави на седницата на која требаше да се гласа за недоверба на владата.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека пратеникот Кастриот Реџепи е новиот Амди Бајрам, на прашањето како го коментира премислувањето на пратеникот од Беса, кој донесе одлука да не гласа за паѓање на Владата.