Проблемот во набавката на ваквиот вид технологија е што има и друг тип опрема и уреди што комерцијално се продаваат, кај кои првичната намена не е прислушување на разговорите но имаат можност да вршат снимање на комуникациите, а таков пример е евидентен во случајот со ОЈО, каде што станува збор за обична телефонската централа, која била инсталирана во објектот и самата имала таква можност за снимање

Последниот скандал со незаконското следење на телефонската комуникација, кој го обелодени Основното јавно обвинителство, одново ја актуализира и темата во врска со опремата за прислушување. Почнувајќи од тоа што спаѓа во таа категорија, пристапот до неа, колку е достапна на слободниот пазар, па до можностите за откривање и превенција на ваквите активности.
Од огромни телекомуникациски централи преку подвижни станици, кои може да се сместат во автомобил, па до минијатурни уреди што може да се стават на дланка, вредни од стотици илјади па до десетина долари или евра, е широката палета технологии што денеска се достапни на пазарот и со кои може да се вршат следење на комуникациите и прислушување. Денес, дури и да сакаме, тешко може на пазарот да се најде телефонска централа во која нема вградено софтвер за снимање на разговорите, бидејќи таквите централи одамна се застарена технологија. Како пример и кај нас, во повеќето институции и јавни претпријатија, има телефонски централи што ги снимаат разговорите. Сведоци сме дека при јавување во тие институции, централата преку телефонската секретарка предупредува дека од безбедносни причини, телефонскиот разговор ќе биде снимен. Технологиите за следење комуникации и за снимање разговори денес се толку напредни и лесно достапни што може да се набават дури и преку оглас на Интернет. Прислушувањето, односно т.н. незаконско следење на комуникациите, во Македонија третпат стана актуелно откога државата се соочи со нова афера, во која јавното обвинителство обелодени дека од 30 септември 2016 година, па досега во два хард-диска се снимала целата телефонска комуникација преку фиксната мрежа во институцијата.

Високи полициски соговорници брифираат дека според актуелните закони, единствено безбедносните служби можат да набават високософистицирана технологија за следење на комуникациите, а МВР и Министерството за одбрана имаат можност да го прават тоа преку класифицирани набавки, без да се објавуваат јавно сумите, целосната спецификација, производителот и сл. Според нив, проблемот во набавката на ваквиот вид технологија е што има и друг тип опрема и уреди што комерцијално се продаваат, кај кои првичната намена не е прислушување на разговорите но имаат можност да вршат снимање на комуникациите, а таков пример е евидентен во случајот со ОЈО, каде што станува збор за обична телефонската централа, која била инсталирана во објектот и самата имала таква можност за снимање. Во контекст на овие актуелни случувања, за да се направи разлика помеѓу високософистицираните технологии што се конструирани токму за прислушување и за следење, и од друга страна модерните телефонски централи што имаат софтвер за снимање на разговорите во институциите каде што се инсталирани за потребите на истата таа, „Нова Македонија“ се обиде да направи краток технолошки приказ на некои од посебните технологии за масовно следење мобилни телефони што се користат низ светот во изминатата деценија. Битно е да се напомене дека има драстична разлика помеѓу ваквиот тип централи и софистицираната технологија за прислушување. Но заедничко е прашањето, кој е тој што ќе го симнува и ќе го слуша снимениот материјал, за која намена и со кое овластување…

Според актуелните закони, единствено безбедносните служби можат да набават високософистицирана технологија за следење на комуникациите, а МВР и Министерството за одбрана имаат можност да го прават тоа преку класифицирани набавки, без да се објавуваат јавно сумите, целосната спецификација, производителот и сл

Прашавме и која е техничката можност на централите што ги поседуваат јавните институции или услужните компании во снимањето на телефонските разговори со граѓаните? Колку и во кој обем се снимаат разговорите? Кој ги преслушува и контролира разговорите? Кој ги користи снимените телефонски разговори, кој ги брише, каде и колку се чуваат снимките?

Од ЈП „Водовод и канализација“ објаснија дека тие поседуваат телефонска центрaлa и телефонски систем од типот „аваја“.

Според надлежните, во состав на овој телефонски систем функционираат телефонските разговори внатре во јавното претпријатие, кои не се снимаат и оние телефонски разговори што се снимаат и кои се исклучиво во состав на дежурно-информативниот центар на ЈП „Водовод и канализација“, кој работи непрекинато 24/7 и се користи за контакти со граѓаните, кои се остваруваат преку телефонот: 02 3073 010, како и бесплатниот телефонски број за пријава на дефекти: 0800 22 555.
Оттаму објаснија дека преку овој конкретен телефонски број сите граѓани можат да се јават, а компанијата им излегува во пресрет околу нивните прашања, проблеми и информации поврзани со нивните плаќања, долгови дефекти во мрежата и практично преку сѐ за што се интересираат.

– Само на дежурно-информативниот центар сите разговори се снимаат, од причина што на тој начин можеме да водиме контрола за да се утврди каква услуга им била дадена на граѓаните и потрошувачите и на кој начин со нив соработувале нашите вработени оператори – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Оттаму додаваат дека според законските правила и прописи овие разговори се снимаат во нивниот систем на хард-дискови, кои се чуваат до 30 дена, во случај да постојат некакви поплаки од граѓаните кон одредена услуга или проблем, по овој временски рок тие се бришат од регистрите за да се заменат со нови телефонски разговори.

Од ЈСП „Скопје“, пак, информираат дека тие поседуваат, односно користат постар тип телефонска централа, од марката „панасоник 252“, која практично и нема опција за снимање и за преслушување на разговорите.

– Пред извесен период, се спроведе јавна постапка за набавка на нов тип централа, со сите современи можности, но набавката не се изврши бидејќи истата таа беше неуспешна. Со планот за набавки за 2019 година, предвидено е да се направи втор обид за купување нова, современа централа – велат од ЈСП „Скопје“.

Во својот одговор од ЈСП „Скопје“ додаваат дека на телефонскиот број во диспечерски центар на ЈСП, пред околу 5 години, по барање од градот Скопје, поставен е снимач на разговорите, кој по барање од граѓаните-корисници на јавниот превоз и услугите на ЈСП, овозможува преглед – преслушување на пријавените поплаки, барања, а со тоа и проверка или потврда дали по истите тие е постапено. Таков снимач има и на телефонскиот број во службата „Изгубено-најдено“ – информираат од јавното сообраќајно претпријатие.

Во меѓувреме од „Македонски телеком“, за жал, до затворањето на бројот на весникот не стигна одговор до редакцијата околу тоа каков тип телефонска централа има компанијата.

Од енергетскaтa компаниja АД ЕЛЕМ, пак, по поставените прашања од редакцијата најавија дека во наредните неколку дена ќе одговорат официјално на прашањата поврзани за функционирањето на телефонска централа во оваа институција.

Во меѓувреме неофицијално извори од компанија брифираа дека во овој момент телефонската централа во ЕЛЕМ ги нема капацитетите да ги снима телефонските разговори на граѓаните и на операторите во оваа институција. Но оттаму брифираат дека ваквата ситуација наскоро ќе се промени, кога ЕЛЕМ ќе биде преселен во новиот објект каде што, според предвидените планови, е замислено да се инсталира таква модерна и софистицирана телефонска централа, која ќе функционира според законските прописи во оваа сфера во Република Македонија.

(продолжува)