Фото: Маја Јаневска-Илиева

Реалното читање на извештајот на „Фридом хаус“, и покрај пофалбите дека Македонија и Узбекистан се издвоени како „две држави во транзиција со најголем демократски напредок“, подобрувањето од три поени од минатата година, сепак, остава простор за прашања колкаво е всушност вреднувањето за нашиот напредок…

По повод извештајот на „Фридом хаус“

Годишните извештаи на светски реномираните и профилирани организации што го следат развојот на демократските процеси, пред сѐ во земјите на т.н. нови демократии, најчесто се употребуваат како аргументи во внатрешните дебати меѓу власта и опозицијата во државите, секако во зависност од индексите што ги прикажуваат. Замислени како мотивирачка алатка за побрза и поквалитетна демократизација на општествата, но и како показател на подготвеноста на одредена држава за меѓународна интеграција, со текот на времето се наметна прашањето за реалното влијание на овие извештаи во процесите на меѓународната политика, па и во билатералните односи на оценуваните земји.
Во најновиот неодамнешен извештај на „Фридом хаус“, повторно е објавена анализа на демократскиот развој на 29 земји од Источна Европа и поранешните советски републики. Земјите и категориите во кои е „класифициран“ нивниот демократски живот се рангирани од 1 (авторитарен режим) до 7 (консолидирана демократија).

Бугарија критикувана, но карванот ѝ врви

За разлика од други години, овој пат извештајот на „Фридом хаус“ во Македонија е анализиран повеќе компаративно, споредувајќи го со извештајот со Бугарија, најмногу поради фактот што за опаѓањето на индексот на бугарската демократија несомнено големо влијание има ветото што ѝ го наметна на ЕУ за започнување на македонските преговори за членство во Унијата.
– Бугарското националистичко размислување ги блокира преговорите за пристапување на С Македонија во Европската Унија – експлицитно е наведено во извештајот на „Фридом хаус“, „Земји во транзиција 2021 година“, кој годинава е објавен под наслов „Антидемократски пресврт“. Понатаму во него се посочува дека изминатиот период имало „чести случаи на политичари што инструментализираа опасна реторика за политичка добивка“ – како што е бугарското националистичко размислување за блокирање на преговорите за пристапување кон Македонија во (ЕУ).
– Бугарија исто така започна кампања со закани против Македонија, ветувајќи дека ќе ги блокира нејзините разговори за пристапување во ЕУ доколку не успее да ги реши историските спорови со Бугарија – и покрај тоа што се постави како главен поддржувач на евроатлантските интеграции на Скопје. Ова кулминира со експлицитно вето против разговорите во ноември, помагајќи да се одложат, со тоа што Бугарија го поддржа ветувањето од 2019 година дека ќе го сврти својот курс во надворешна политика за Македонија (оној што го забрза нејзиниот европски пат), освен ако не бидат исполнети повеќе билатерални барања – се наведува во извештајот за Бугарија од „Фридом хаус“.

Што значи напредокот на Македонија од три индексни поени

За разлика од Бугарија, која заедно со Летонија и Црна Гора, има десетти најголем пад на демократските параметри во последните четири години, според „Фридом хаус“, Македонија и Узбекистан се издвоени како две држави во транзиција со најголем демократски напредок изминатата година. Македонија има подобрување од 0,07 поени, што е втор најдобар резултат од вкупно 29 земји што се анализираат во извештајот.
– Напредокот на Македонија од три индексни поени забележан во извештајот на „Фридом хаус“ е сепак позитивен индикатор, без разлика што нема некое реално политичко влијание за почеток на преговорите со ЕУ. Забелешката во извештајот за Бугарија е своевидно укажување дека навистина згреши со својата надворешна политика спрема Македонија, која ефектира со вето за нашите евроинтеграции. Можеби е и некакво навестување за поголеми заложби на меѓународната заедница за омекнување на бугарските позиции за ветото. Сепак, ние не смееме да се потпираме само на ваквите индикатори од извештаите. Постојано истакнувам дека со нашите постапки на внатрешнополитички план повеќе се оддалечуваме од ЕУ, отколку што се приближуваме. Извештајот на „Фридом хаус“ е само ситен сигнал дека е згрешено спрема Македонија. Дури и да биде отстрането бугарското вето, нашето вето е запечатено на друго место. Едноставно, ЕУ не е подготвена за проширување со нас, вакви какви што сме, Извештајот можеби е добар индикатор, но ние треба да изградиме национална стратегија за преговарање за членство, а тоа не се случува – вели универзитетската професорка Солза Грчева, активна на македонската политичка сцена.

Сепак, индикативно е што и покрај подобрувањето во „промилни поени“ во извештајот на „Фридом хаус“, Македонија и понатаму е делумно слободна земја и останува во групата држави што имаат „хибриден режим“ со 66 индексни поени, додека Бугарија сѐ уште е слободна земја, во категоријата на полуконсолидирани демократии со 78 поени. Реалното читање на резултатите на извештајот, и покрај пофалбите дека Македонија и Узбекистан се издвоени како „две држави во транзиција со најголем демократски напредок“, подобрувањето од три поени од минатата година, сепак, остава простор за прашања колкав е всушност квалитативниот напредок.

– Веќе триесет години Македонија добива пофалби во разни извештаи, но сите други отидоа напред, а ние постојано се соочуваме со некои вета. Нас нѐ тапкаат по рамо, а другите напредуваат. Добро е ако некој нѐ пофали, кога државата има некоја корист од тоа. Но се чини дека од најдобро оценувани како држава пред 30 години (заедно со Словенија), сега сме соочени со ситуација и Албанија пред нас да започне преговори со ЕУ. Иако е прашање дали почнатите преговори некогаш ќе завршат, со оглед на внатрешната криза во ЕУ и скептицизмот за проширување. Од друга страна, не знам колку тие три индексни поени се вистински квалитативен напредок за македонската демократија. Можеби некој позначителен успех би било доколку Македонија излезе од зоната што номенклатурата ја декларира како „хибридни режими“, но ние сепак сѐ уште сме во таа категорија на држави, а Бугарија и понатаму си е во зоната на полуконсолидирани демократии – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.