Претседателот на Собранието, Талат Џафери, имаше средба со Гент Цакај, овластен министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија.

Во оваа пригода претседателот Џафери се заблагодари на Република Албанија што беше трета земја членка на алијансата што го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. Тој го запозна министерот со претстојните работни активности на Собранието, како што е разгледувањето на повеќе законски измени наметнати од пандемијата со Ковид-19, потоа активностите сврзани со европската агенда и отворањето на првите поглавја кон крајот на оваа година. Покрај тоа, го извести и за заокружувањето на функционалноста на Собранието со формирање на делегациите за мултилатерална соработка и на групите за билатерална соработка.

Претседателот Џафери изрази задоволство од заедничкиот интерес и иницијатива за склучување билатерален договор за поедноставување на граничните процедури (едношалтерски систем) за патници и возила на граничниот премин Ќафасан и изрази поддршка за сите проекти кои се во прилог на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Албанија во рамките на ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка како што е изградбата на патна, енергетска и железничка инфраструктура во рамките на Коридорот 8.

Претседателот Џафери ја поздрави посветеноста на Албанија во рамките на претседавањето со ОБСЕ, во услови кога Европа се справува со сериозни закани за нејзината безбедност и последици врз демократските текови.

Министерот Цакај му го честиташе реизборот на претседателот Џафери и го поздрави формирањето на Владата и функционалноста на Собранието. Тој ја нагласи подготвеноста на Албанија за натамошно унапредување на севкупната соработка, како и интензивирање на соработката меѓу двете пријателски земји.

Соговорниците разменија мислења и за регионалната соработка која е клучна за европската перспектива и стабилноста на нашиот регион и остварувањето на заедничката стратешка цел за членство во ЕУ и во таа насока, напорите за формално започнување на преговорите за членство до крајот на оваа година ги подвлекоа како главен приоритет на двете земји.