Фото: Игор Бансколиев

Без оглед на изјавите за безрезервна поддршка на власта, сепак, самиот чин на поставување ултимативна политичка изнуда за напуштање на владејачката коалиција, по нешто повеќе од месец и половина од формирањето на Собранието, остава доза сомнеж дека можеби намерите на Беса се малку поинакви.
Имено, потврда дека ќе се турка етничката агенда експресно стигна и од лидерот на партијата Билал Касами, кој веќе се заложи за двојазичност во приватните компании

Етничката агенда на албанскиот блок ги става во заложништво и најдобрите намери за функционална владина коалиција

Пратениците од редовите на Беса, кои беа дел од владејачката коалиција „Можеме“, најавија дека во иднина во Собранието ќе дејствуваат самостојно, со што се наметна дилемата дали на овој начин Беса навистина сака подобро да се позиционира во Собранието или, пак, подобро да ги артикулира своите барања, експлицитно или дискретно условувајќи го опстанокот на Владата доколку не им биде прифатено она што ќе го побараат.
– Ова не е напуштање на коалицијата, туку да се организираме подобро и да работиме поефикасно како Беса во парламентот. Немаме никакви проблеми со коалицијата „Можеме“ и оваа одлука да бидеме надвор од неа не значи дека нема да даваме поддршка на законите што ќе ги иницира власта. Одвојувањето ни е важно да бидеме поблиску до гласачкото тело – изјави Кастриот Реџепи, пратеник од Беса.

Без оглед на ваквите изјави за безрезервна поддршка на власта, сепак, самиот чин на поставување ултимативна политичка изнуда за напуштање на владејачката коалиција, по нешто повеќе од месец и половина од формирањето на Собранието, остава доза сомнеж дека можеби намерите на Беса се малку поинакви. Дволичноста на ваквите политики, кои во најмала рака се несериозни, или, пак, имаат добро позната етноцентрична агенда, го ставаат нивниот коалициски партнер во Владата пред завршен чин, иако интенцијата, но и посветеноста на последниве е што поскоро создавање функционална власт и институции.
Имено, потврда дека ќе се турка етничката агенда експресно стигна и од лидерот на партијата Билал Касами, кој веќе се заложи за двојазичност во приватните компании.
– Дел од дипломираните Албанци не говорат македонски јазик, затоа приватните компании треба да спроведат двојазичност за да создадат еднакви услови при вработувањето на сите граѓани – порача Касами.

Ова барање оди на линија на она што претходно го изјави првиот вицепремиер Артан Груби од редовите на ДУИ, кој најави државни субвенции за приватните компании што ќе вработуваат по етнички клуч, без да прецизира детали како би се извело тоа.
Очигледно и обете партии што се дел од власта бараат начини да им се додворат на сопствените гласачи преку задоволувањето на етничките барања, свесно или несвесно предизвикувајќи дополнителни поделби во општеството.
Она што дополнително се наметнува како дилема во јавноста е дали воопшто ќе има крај на етничките барања или, пак, концептот „Едно општество за сите“ се монополизира во полза само на Албанците, на штета на унитарноста на државата и почитувањето на законите и Уставот.
Уште позагрижувачки е што ова се случува во период кога земјава очекува почеток на пристапните преговори со ЕУ и кога Европа инсистира на стабилна влада, која ќе биде подготвена да ги спроведува потребните реформи, така што евентуални нови етнички барања целосно ќе го блокираат евроинтегративниот процес.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски ваквиот потег на Беса повеќе го толкува како маневар за формирање пратеничка група и нивно подобро позиционирање во парламентот.

– Јас овој маневар во Собранието не би го врзувал со функционирањето на коалицијата. Возможно е да станува збор за маневар за оформување нова пратеничка група што би им дало подобра позиција како повеќе пратенички групи на таа коалиција. Своевремено и ВМРО-ДПМНЕ во претходниот пратенички состав имаше пет-шест пратенички групи – вели Арсовски.
Според него, маневарот на Беса не треба да се земе како индиција за тоа како функционира коалицијата, иако смета дека наскоро ќе се види дали зад потегот на Беса се крие нешто друго.
– Дали функционира или не коалицијата, допрва ќе видиме кога ќе почнат да се спроведуваат законите. Може да значи дека ќе имаат некакво независно дејствување, но најавата дека ќе функционираат заедно со коалицијата ме наведува на заклучок дека, сепак, станува збор за намера за формирање пратеничка група – нагласува Арсовски.