Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Заев вчера објави дека според новата верзија на законот за јавно обвинителство што ќе ја достави до Собранието, СЈО ќе се интегрира во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција… Оваа одлука Владата ја донесе без да биде постигната меѓупартиска согласност и сега предлог-законот е поставен пред предизвикот за двотретинско мнозинство во парламентот

Меѓупартиските преговори за новиот закон за јавно обвинителство и така беа заглавени во своевидни „рововски позиции“ околу понатамошниот статус и форма на опстојување на СЈО, а аферата „Рекет“ (уцена и рекет врз бизнисмени повикувајќи се на влијание врз обинител(ка) во СЈО) уште повеќе ги намали шансите за постигнуваше согласност меѓу власта и опозицијата за ова прашање.

Лидерската средба, која премиерот Зоран Заев се обиде да ја организира во петокот, на 19 јули, беше откажана зашто лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не ја прифати поканата да учествува во разговорите. Веднаш по откажувањето на лидерската средба, во јавноста проструија информации дека премиерот Заев се откажал од идејата за постигнување меѓупартиска согласност за подготвената верзија на законот за јавно обвинителство и дека сепак Владата ќе го испрати до Собранието, а ќе се обиде да добие поддршка од двотретинско мнозинство во парламентот.

Подоцна, премиерот тоа и го потврди на прес-конфедерација, објавувајќи дека според новата верзија на законот за јавно обвинителство што ќе ја достави до Собранието, СЈО ќе се интегрира во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. Со проширеното Јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција ќе раководи обвинителката Вилма Рускоска, која веќе има обвинителски надлежности за истраги од овој вид. Сите случаи пред судовите ќе продолжи да ги води ова Јавно обвинителство со кое раководи обвинителката Вилма Рускоска. Премиерот рече дека овој предлог ќе им биде доставен на сите партии и дека тој очекува наскоро да биде прифатен. Меѓу другото, Заев нагласи дека во верзијата на законот што ќе биде доставена до Собранието, се вградени и предлозите на опозицијата, искажани во досегашните разговори на меѓупартиските работни групи.
– Суштинските делови на овој предлог-закон, кој денеска ќе биде доставен до политичките партии и до медиумите, предвидуваат СЈО како структура да се интегрира во досегашното ОЈО за гонење организиран криминал и корупција и да добие нов назив, односно Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и високa корупција. Ова обвинителство ќе има надлежност на цела територија на Република Северна Македонија – рече Заев.

Премиерот додаде дека текстот на законот предвидува обвинителите од СЈО да продолжат да работат во ова обвинителство.
Законот за јавно обвинителство беше само една од темите на пропаднатата лидерска средба, покрај законот за попис на населението и Изборниот законик. Одбивањето на Мицкоски да присуствува на лидерската и понатаму го остава отворено прашањето за законот за јавно обвинителство, кој се претставува како клучен доказ за спроведување реформи во правосудниот систем што, пак, е еден од условите за започнување преговори за членство во ЕУ… И по одлуката на Владата без опозициска согласност законот за јавно обвинителство да биде испратен во собраниска процедура, сега се отвора предизвикот за постигнување двотретинско мнозинство за негово усвојување. Во текот на досегашните разговори на меѓупартиските работни групи за законот на ЈО, претставниците од власта велеа дека „копјата се кршат“ околу членот (105), кој се однесува на истрагите на СЈО, а во кои се опфатени високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, пред да биде откажана лидерската средба, (за која сепак во голема мера се претпоставуваше дека нема да се случи) претседателот Стево Пендаровски се понуди тој да биде организатор на некои наредни меѓупартиски договори, зашто „сепак, смета оти вистинското место за лидерска средба е кај претседателот на државата“.