Претседателот на ФФМ, дел од фудбалерите и сопствениците на фудбалскиот клуб Шкендија „летаа орли“ на прославата за освоената титула на Шкендија, на која присуствуваше врвот на политичката партија ДУИ. Со гест што симболизира голема Албанија се слави титула на македонски клуб во Македонија. Од Владата велат дека ваквите „ненамерни“ провокации водат само кон етнички раздор, нетрпеливост и никому не му носат добро, ниту го отсликуваат мозаикот на едно општество какво што се стреми да биде Република Северна Македонија. Сега се чека како ќе реагираат УЕФА и ФИФА

СПОРТОТ ПОВТОРНО ЖРТВА НА ПОЛИТИКАНТСТВОТО

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, фудбалерите на тимот и сопствениците ја искористија, поточно ја злоупотребија прославата на шампионската титула на тетовска Шкендија, да испратат непримерна и недолична порака, со опасна и ретроградна политичка заднина.
Имено, тие со гестикулации на рацете и таканаречено летање орли, што е иредентистички чин, симболизираа голема Албанија. На настанот присуствуваше раководството на ДУИ, а фудбалскиот пехар, спротивно од правилата на УЕФА, беше подигнат од политичкиот врв на партијата ДУИ, а спортскиот медал се најде во рацете на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, тетовската градоначалничка Теута Арифи, вицепремиерот Артан Груби и спикерот на Собранието, Талат Џафери. Имено, според статутот на УЕФА, секое дејство што предизвикува каква било дискриминација или омраза по верска, етничка или расна основа најстрого се санкционира.
Со ваквиот гест на летање орли, во присуство, но и со учество на високи државни политичари и функционери се омаловажуваат и навредуваат сопствената држава и сопствените институции. Нашиот весник за ваквите немили случувања побара одговори од надлежните државни органи, со своја реакција се огласи и таткото на нацијата, претседателот на државата Стево Пендаровски, а одговори добивме и од Владата на Македонија.
Од Кабинетот на шефот на државата велат дека претседателот Пендаровски принципиелно осудува употреба на пораки со верска, национална или политичка конотација во спортот што можат да предизвикаат поделби.

– Претседателот Пендаровски смета дека во годината кога македонската фудбалска репрезентација првпат во историјата ќе учествува на едно Европско фудбалско првенство, потребни ни се сплотеност и негување позитивен дух повеќе од кога било. Затоа, претседателот Пендаровски повикува на воздржување од секакви акти што може да се интерпретираат како провокација и бара разумно однесување од најодговорните во спортот – се вели во одговорот до „Нова Македонија“.
Во врска со скандалот, од Владата сметаат дека ваквите „ненамерни“ провокации водат само кон етнички раздор и нетрпеливост и никому не му носат добро, ниту го отсликуваат мозаикот на едно општество какво што се стреми да биде Република Северна Македонија.
– Остро ја осудуваме ваквата реакција на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, и другите чинители и во согласност со позитивните законски прописи во државата, бараме да преземат одговорност и јавно да се извинат. Тие треба да работат на развој на спортот и фудбалот, а не да провоцираат и да промовираат политички концепти, кои знаат да бидат многу опасни и деструктивни и да упатат лоша порака на нееднаквост, дискриминација и поделеност меѓу народите. Ова не е држава на една етничка група, туку држава каде што секој граѓанин се чувствува еднакво, правично и праведно, без разлика дали е Македонец/ка, Албанец/ка, Ром/ка, Турчин/ка, Србин/ка, Власи, Бошњаци и сите други – се вели во одговорот што го добивме од Владата на Македонија.
Оттаму уште додаваат дека за ваквото непрофесионално и провокативно однесување ќе бидат известени и УЕФА и ФИФА и дека тоа е спротивно на нивните статути и заложби за спортски ферплеј и антидискриминација.

За жал, ваквите појави го уриваат угледот на македонскиот фудбал и држава. Апелираме вакво однесување да не се повторува во иднина, со цел да не се предизвикуваат раздор, провокации и поделби – велат од Владата на Македонија.
Од друга страна, експертите со кои се консултиравме велат дека национализмот и политиката немаат место во спортот, а последното однесувањето на првиот човек на ФФМ е нетолерантно, а врз него соодветно, доколку се јави потреба, ќе реагира УЕФА.
Професорот д-р Иван Анастасовски, продекан за наука и меѓународна соработка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, во својот осврт за актуелните случувања вели дека состојбите во домашниот фудбал, особено по последната прослава на Шкендија, ни најмалку не личат на оние во современиот и развиен свет.
Прославувањето победа на спортски тим во суштина преставува прославување триумф и покажување моќ. Националистичките симболи на прославата, но и активноста на одредена политичка партија, очигледно, за жал, преку спортот ја најавува изборната кампања на претстојните локални избори – вели професорот.
Според Атанасовски, државата во овој момент не треба да стори многу. Доколку е потребно, тимот и функционерите ќе бидат санкционирани од УЕФА и меѓународните фудбалски организации и асоцијации.
Професорот вели дека овие настани треба да се маргинализираат, да не им се дава голема важност во нашето општество, бидејќи тие се срамен парадокс, кој не може да биде виден подалеку од балканските граници.

– Дека ваквите однесувања во Македонија се погрешни на многу основи може да се заклучи ако се направи компаративна споредба со начинот на кој се прославуваат титулите и успесите во Македонија и во другите светски лиги. На пример, ние не видовме локални политичари или високи државници на прославата на англискиот шампион Манчестер сити, уште помалку тоа се случи во Франција, каде што Емануел Макрон како Али Ахмети не го подигна пехарот на парискиот тим ПСЖ, а вакви состојби не регистрираа камерите ниту во Италија, Германија и Холандија – вели професорот.
Тој резимира дека во ФФМ сите овие состојби добро се познати и во моментов државата не треба да се меша во автономијата на Фудбалската федерација, бидејќи сите дејствувања се регулирани со Законот за спорт.

[email protected]