Фото: Маја Јаневска-Илиева

Професорот по кривично право од Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев, смета дека не постојат пречки во однос на законската регулатива за утврдување на вистинската имотна состојба на политичарите, кои од разни причини не се веќе на функција. Но, сепак, ефикасноста на истражувањето и утврдувањето на вистинитоста и понатаму во голем дел се условени од решителноста за преземање истражни дејства

Последните случаи, актуелни во македонската јавност, во кои беше тангирана имотната состојба на поранешни и актуелни владини функционери, наведува на речиси неверојатен заклучок дека македонските политичари заминуваат од функција со помалку имот отколку кога ја презеле државната должност.

Рашковски лани во декември почнал да го префрла имотот на име на своите малолетни деца

Најсвежиот индикативен случај на оваа тема е поврзан со имотот на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Во текот на минатите денови, повеќе медиуми, повикувајќи се на извори од ДКСК, објавија дека поранешниот генерален секретар на Владата нема ништо на свое име, односно дека уште во декември минатата година почнал да го префрла целиот имот на име на своите малолетни деца. Имено, преиспитувањето на имотот на Рашковски е во рамките на истрагата за набавката на софтверот за сообраќај додека беше генерален секретар на Владата, по што му е одреден домашен притвор… Претходно Рашковски даде оставка на последната функција во Владата.
Речиси истовремено со овој случај, Основното јавно обвинителство заплени имот за кој се тврди дека му припаѓа на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, но тој преку социјалните мрежи категорично одрекува дека запленетиот имот е негова сопственост. Вистинската имотна состојба на поранешниот премиер постојано беше предмет на интерес на медиумите во текот на целата негова политичка кариера, но и предизвик за утврдување на истражните органи и правосудството.
Слични, ако не и поголеми контроверзии предизвикува и откривањето на вистинската имотна состојба, пред сѐ сопственост на имот и инвестиции, на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој е во ефективен притвор поради судски процеси од коруптивна природа…
И покрај распространетоста на гласиштата за завидната имотна состојба, односно стекнат имот за време на извршувањето на функцијата, се чини дека и понатаму претставува комплициран предизвик за докажување на истражните и судските органи, како и за антикорупционерите.

ДКСК има проблем со докажувањето на имотната состојба на функционерите

Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во својот извештај за работењето за минатата година, укажуваат на проблемот што го имаат со докажувањето на имотната состојба на функционерите. Имено, според сегашниот закон, нема утврдено рокови за јавна достапност на наведените податоци за имотната состојба на функционерите, а постојната електронска апликација на ДКСК обезбедува достапност на податоците во периодот на актуелниот мандат на едно избрано или именувано лице и нивно автоматско отстранување по престанокот на мандатот.
– Општо е позната состојбата за прикривање на вистинскиот сопственик при стекнување имот во период на активен мандат на избрано или именувано лице, исто како што е познато дека извесен период по престанокот на мандатот состојбите со имотот се менуваат. Законската регулатива, но и непостоењето општ закон за потекло на имотот ги спречува институциите, меѓу кои и ДКСК, за преземање соодветни активности за докажување дека истиот тој е стекнат поради коруптивни активности или злоупотреба на функцијата – укажуваат од ДКСК.
Со оглед на реалните предизвици во работата, од ДКСК укажуваат дека има потреба од пропишување временски период за јавност на податоците од Изјавата за имотна состојба и интереси во подолг период од периодот на мандатот на избраните и именуваните лица, потоа, ДКСК да има законска надлежност да спроведува постапка за проверка на имотот и по престанокот на нивната функција, но и да се донесе закон за потекло на имотот.
– Наброените одредби и објаснувања за проблемите со кои се соочува ДКСК при нивната примена, се само дел од преостанатите одредби, кои поради недоречености или други недостатоци се детектирани и влијаат врз ефикасноста во однос на превентивните мерки и во напорите за спречување на корупцијата и судирот на интереси – укажуваат антикорупционерите во својот извештај за работењето за минатата година.
Професорот по кривично право од Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев, смета дека не постојат пречки во однос на законската регулатива за утврдување на вистинската имотна состојба на политичарите, кои од разни причини не се веќе на функција. Но, сепак, ефикасноста на истражувањето и утврдувањето на вистинитоста и понатаму во голем дел се условени од решителноста за преземање истражни дејства. Среденоста на регистрите на имотот, како и нивната дигитализација во голема мера може да придонесат за утврдување на вистинските сопственици на имоти и фирми, но според професорот Калајџиев, во ваквите случаи на висока политичка корупција, најголем проблем е транснационалната соработка на истражните органи.

Еднаш на функција – секогаш под надзор

– Што се однесува до опцијата за конфискација на имот на осомничени (или осудени) бивши функционери, не значи дека ако немаат ништо на свое име, не може ништо да им се одземе. Законот дозволува и проширена конфискација, секако со утврдување на поврзаноста при трансферот на имотот. Единствена пречка во таа насока е дали се сака да се спроведе таква истрага, навреме. Обично истрагите започнуваат кога одредени политичари веќе не се на функција и имаат време да го потскријат стекнатиот имот, но да ги скријат и трагите. Особено што имаат обврска да го пријавуваат имотот само додека се на функција. Поради тоа би требало да важи принципот – еднаш на функција секогаш под надзор! – вели професорот Калајџиев, кој го поддржува барањето ДКСК да има законска надлежност да спроведува постапка за проверка на имотот и по престанок на функцијата, но и да се донесе закон за потекло на имотот.
Сепак, клучен проблем за успешно разоткривање на скриениот имот на функционерите, според професорот Калајџиев, е недостигот од ресурси за транснационална соработка во откривањето имот во странство, особено во „даночните раеви“ во земји како Панама, Белизе…, па дури и во уредена земја како Велика Британија.
– Главниот проблем во антикорупциската битка е утврдувањето на вистинските сопственици на фирмите. Се покажува дека не може да се знае кој е реален сопственик на фирмите во земјава, а уште помалку во странство. Лесното отворање фирми во земјава, како и можноста да се вложува во бизнис во странство (иако не е дозволено да се чуваат пари во банки во странство), го усложнува проблемот. Соработката меѓу државите не е на тоа ниво за да се истражуваат сомнителни финансиски трансакции од странски земји. Преку пример, истражните органи (условно кажано) во Велика Британија, немаат толку капацитет да се посветат на финансиски истраги по барање на странски земји. И сите други држави… Токму поради тоа, лесното отворање фирми во странство успешно се користи за криење на финансиските траги, т.е. за „перење на парите“. Сигурно постојат механизми да се спречи тоа, но потребна е посветеност, односно прашање е на стратегија и избор за решавање на овие имотно-финансиски предизвици, со „мирис“ на корупција и незаконско работење – заклучува професорот Калајџиев.
Кога станува збор за надлежностите во откривањето незаконски финансиски дејства, Државната комисија за спречување на корупцијата има надлежност да проверува сомнежи за коруптивно однесување, судир на интереси, непријавување имот и интереси, како и да ги проверува изјавите за имот, а сето тоа го темели на основа на пријави од правни или физички лица, и тоа анонимни или познати, по допрен глас или по сопствена иницијатива, но и по годишни планови.